вторник, 20 ноември 2018 | Вести денес: 68 ново

Основачот на „Агрокор“ вечерва ќе биде екстрадиран во Хрватска, тврдат медиуми

Основачот на Агрокор Ивица Тодориќ, вечерва околу 20 часот се очекува да биде испорачан на хрватското правосудство, откако суд во Лондон на 25 октомври го одобри барањето за екстрадиција.

Хрватските медиуми, повикувајќи се на неофицијални информации, наведуваат дека Тодориќ вечерва во загреб ќе пристигне со редовна линија.

Портпаролката на хрватското Министерство за внатрешни работи Марина Мандиќ рече дека не може да ги потврди таквите информации, истакнувајќи дека деталите за испорачување на која било личност не се достапни за јавноста.

Британскиот судија Данкан Озли донесе одлука за екстрадиција, откако по него беше распишана европска потерница.

Тодориќ беше уапсен на 7 ноември минатата година врз основа на европски налог за апсење што го распиша Хрватска, а истиот ден беше ослободен со кауција од 100.000 фунти и притворот му беше заменет со други мерки.

Тодориќ и уште 14 луѓе во Хрватска се под истрага за корупција, злоупотреби во економското работење, фалсификување документи и за криминал во водењето на деловни книги во компанијата „Агрокор“, која во регионот вработува 60 000 луѓе и над која надзорот го презеде државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top