четврток, 15 ноември 2018 | Вести денес: 108 ново

Концерт на Горан Начевски и Татјана Огнаноска на „Златна лира 2018“

Утре (понеделник, 22 октомври) во Музеј на Град Скопје, со почеток во 20 часот, во рамките на „Златна лира“ концерт ќе одржат Горан Начевски – баритон и Татјана Огњаноска – пијано.
На концертот ќе бидат изведени циклусите „10 Библиски песни“, оп. 99 од Антонин Дворжак и „Девет соло песни“ од Сергеј Рахмањинов.
Баритонот Горан Начевски дипломирал и магистрирал композиција кај проф. Милан Славицки, а во 2001 год, по паралелните студии, магистрирал и соло пеење кај проф. Рене Тучек на Факултетот за музичка уметност во Прага. Во 2006 на истиот факултет докторирал музичка теорија со специјализација по теорија на композиција. Делата од неговиот опус се изведени во Македонија, како и во повеќе европски земји, меѓу кои Италија, Чешка, Австрија, Србија. Со успешното деби во 2006 год. како Шарплес во операта „Мадам Батерфлај“, Начевски ја продолжува својата вокална кариера како солист баритон во Македонската Опера и Балет, и за период од три години дебитира во уште 15 главни улоги. Во 2010 гостуваше во Хрватско Народно Казалиште – Загреб, како Марчело во операта „Боеми“. Меѓу неговите позначајни концертни остварувања се издвојуваат концертот на фестивалот „Охридско лето 2009“, рециталите во Музеј на град Скопје (КИЦ) и на ФМУ Штип во 2011, како и целовечерниот рецитал со дела од композитори на поранешна Југославија на Трибината на композитори во Белград во 2011 година. Од 2007 год. Начевски работи како асистент, од 2010 како доцент, а од 2015 како вонреден професор по предмети од областите теорија на музиката со композиција и соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Родена во Русија, Татјана Огнаноска дипломира во 1982 година на конзерваториумот „Н. Римски – Корсаков“ во Санкт Петербург, во класата на проф. Олег Малов, каде се здобива со звањето „концертен пијанист, пијано-придружник, солист во камерни состави и пијанист-педагог“. По завршувањето на студиите извесно време работи како корепетитор во Операта на Хрватското народно казалиште во Сплит, соработувајќи со врвни оперски уметници од просторите на поранешна Југославија, а по доаѓањето во Македонија, со истите работни обврски продолжува и во Операта на Македонскиот народен театар во Скопје, работејќи посветено и со голема заложба со солистичкиот состав на овој ансамбл. По краток период како наставник во Музичко-балетскиот училишен центар „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, во 1990 година добива постојан работен ангажман на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како уметнички соработник, од 2011 година е доцент, а од 2016 на истиот факултет е вонреден професор по наставниот предмет корепетиција. Во уметничката биографија на Татјана Огнаноска се впишани бројни настапи на концерти и целовечерни рецитали со еминентни домашни уметници и солисти од странство, меѓу кои Ана и Игор Дурловски, Борис Трајанов, Гордана Јосифова, Горан Начевски, а со американскиот обоист Андреа Ридила остварува неколку рецитали во Мајами и Чикаго, САД во 2011 година.

Влезот е слободен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top