сабота, 17 ноември 2018 | Вести денес: 74 ново

Даниел Жонса предавач на „Google News Lab“ гостува на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје

Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, која заедно со Фридрих-Еберт Штифтунг – Скопје го организира Истражувачкиот филмски фестивал Скопје, информира дека во рамките на второто издание на фестивалот ќе гостува Даниел Жонса, предавач на Google News Lab за подрачјето на Централна и Источна Европа.
На 27 октомври, во 18.30 часот во Кино Култура, новинарите, луѓето кои работат во областа на медиумите, но и пошироката публика ќе може да научат дел од тајните за поуспешно известување со онлајн-алатки, а Жонса ќе ги сподели најдобрите искуства и примери од светот. Настанот е бесплатен, со претходна најава на следниот линк.
Пред да се приклучи на тимот на Google News Lab, Жонса работел во повеќе редакции во Полска, Велика Британија и кратко во Белгија.
До неодамна Жонса работел како репортер во HFMWeek во Лондон. Непосредно пред тоа бил дел од Citywire, каде го предводел проектот Global WOW („Кој што поседува“), кој беше сериозен кандидат за добивање на наградата Data Journalism Awards 2016 во категоријата „отворени податоци“. Работел и во најголемиот полски бизнис-дневен весник, Dziennik Gazeta Prawna како заменик уредник.
Даниел има магистрирано финансиско новинарство на Лондонскиот Универзитет и на Вишеградската школа за политички студии на Советот на Европа, интернационална програма осмислена да ги обучи идните лидери за Централна и Источна Европа.
„Како независните медиуми може да постигнат успех со кампања за јавно финансирање (crowd-funding)“ е насловот на уште една работилница што истиот ден ќе биде организиран, во 13.30 часот. Гостин ќе биде Ивор Фука, основачот на „Лупига“, еден од најстарите независни медиумски портали во Хрватска. Порталот годинава побара од своите читатели да им помогнат за да продолжат со својата независна работа. Фука ќе ја сподели успешната приказна за нивната кампања за јавно финансирање и за импресивната поддршка на нивната посветена публика преку која собраа 42.186 долари.
Провокативна тема за размислување ќе понуди и тимот на дигиталниот медиум „ВидиВака“, кои на 26 октомври (12:30 часот) ќе одржи презентација и работилница на тема „Како да ја ‘продадеш’ твојата приказна со помош на едноминутно видео“.
Мите Кузевски, еден од основачите на „ВидиВака“, ќе го претстави моделот на работа на овој медиум, чии видеа пласирани на социјалните мрежи се особено популарни кај нас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top