четврток, 15 ноември 2018 | Вести денес: 50 ново

Македонскиот народ го собори Коѕиас!

Алдо Климан

Улогите се сменија: Македонскиот народ одлучува за стабилноста и за судбината на грчката влада.

Историското македонско демократско „НЕ“ на референдумот од 30 септември го испрати во политичка пензија фашистоидниот, безобѕирен, циничен, патолошки мрзител на македонскиот народ и на Република Македонија, Никос Коѕиас, еден од апсолутно најперфидните и до перверзност злобни современи европски политичари. Во некоја далечна иднина политичката дејност на тој Коѕиас можеби ќе се изучува на семинарите по меѓународна дипломатија, но како еклатантен пример на невидена антицивилизациска, опсесивна посветеност на уништување на еден стар, мирољубив европски народ и на една суверена држава, и тоа во 21 век, и како дрзок и невоспитан застапник на кратковидната, поточно сосема слепа актуелна политика на ЕУ кон македонскиот народ и кон Република Македонија. Сите се сеќаваме на неговите секојдневни цинизми и иронии на сметка на Македонија и на македонскиот народ: „БЈР Македонија е млада невеста која само се премислува кое ново презиме ќе го земе“; или: „Ајде да го тестираме новото име: да се вика Северна земја?“; или: „Европските политичари да не се мешаат во договорот за името, додека нашите мили северни соседи си го бараат својот идентитет“. Па потоа неговите одбивања да слета на аеродромот Александар Велики; па неговите дрски барања да се урнат сите споменици на кои божем Грција полагала историско право, а Грција во европските фондови ќе ни осигурала средства за нивно отстранување. Глупост до глупост, злоба до злоба, цинизам до цинизам.

Затоа сега веднаш треба да се рече дека, не моминската суета на лесно навредливиот Никос Коѕиас, како што се обидуваат тоа да го претстават грчките медиуми, туку јасната, цврста и недвосмислена порака на граѓаните на Република Македонија испратена со бојкотот на референдумот дека не го прифаќаат ступидниот и ништителски Преспански договор, со кој требаше за сите времиња, на најгруб и најидиотски начин, со национално самоубиство да се пребришат македонскиот народ и Република Македонија, го натераа тој примитивец и дипломатски надуенко да даде оставка и да го нема веќе да ни се плетка во националниот и општествен животот, а нашиот народ и нашата држава, и покрај сите насилни закани за божемниот национален и државен Армагедон, крај на светот, еве, си останаа живи и здрави, и така ќе биде засекогаш.

Е сега, се поставува прашањето колку воопшто, по оваа бедна „абдикација“, и во морална и во правна смисла, вреди црнот потпис на Коѕиас на Преспанскиот договор? Едноставно, тој потпис и во моментот на потпишувањето не вредеше ништо, а сега вреди уште помалку од ништо, ако има таква мера за безначајност!

Навистина, по неговото заминување остана еден уште порасипан од најрасипаните во нивното мрачно грко-фашистичко друштвенце – премиерот Ципрас, сега и самопрогласен министер за надворешни работи, зад чија лигава беби-насмевка се крие бескрупулозен и безмилосен властодржец (nota bene, роден во истиот хороскопски знак со нашиот властодржец Заев!), кој, како што гледаме, е подготвен на секаква црна подмолност и кон своите најблиски соработници, а пак за некој си таму друг „северен“ народ и да не зборуваме. Да си спомнеме само со која ладнокрвна леснотија и бесчувствителност, во времето на најзатегнатите односи помеѓу Грција и ЕУ заради енормниот грчки долг, без да му трепне окото го „откачи“ својот бивш прв соработник, министерот за финансии Варуфакис, кој достоинствено си остана доследен на своите професионални и политички уверувања, додека Ципрас, како ништо да не било, си плукна на зборот и на дадените предизборни ветувања, и заигра според поробувачката блех музиката на ЕУ. Ни Коѕиас, ни Варуфакис, ниту пак Каменос, со кој сега привремено се слижа, воопшто ништо не му значат на Ципрас кога е во прашање неговата немерлива фашистоидна суета и неговата грчовта борба за опстанок во најмеката грчка фотелја.

Па нека ужива уште малку. Но македонското историско демократско „НЕ“ на референдумот, и претстојните предвремени парламентарни избори во Македонија и него набргу ќе го испратат во минато, зашто во грчката влада и натаму клокоти и врие, и ова со оставката на Коѕиас не е крај на нивната политичка агонија, а прашањето на опстојноста на македонскиот народ и на неговата со векови, низ достоинствена и храбра борба создавана самостојна држава Република Македонија, не е и никогаш нема да биде прашање на само еден беден човечки црвец, па дури и кога проѕирнува од дупката на морално и цивилизациски нагниеното европско јаболко, затоа што за својата судбина одлучуваат само македонскиот народ и сите македонски граѓани, и никој друг!

До вчера од сите страни, од ЕУ, од НАТО и од САД (а за заевската братија и да не зборувам!), на секој можен начин, а најмногу со препотентни и претенциозни, главно папагалски идентични политички, воени и државнички пораки, со уцени и со безобѕирни закани, ја повторуваа мантрата дека постои само планот А, те. прифаќање на договорот со Грција, или изолација. Сега пак, и однадвор и од македонските владеачките креатури, се слуша и нова, подеднакво шуплива мантра, што на ист уценувачки и заканувачки начин сакаат да ни ја всадат во мозокот дека божем немало и нема да може да се постигне подобро решение од фашистичкиот Преспански договор.

Но и едната и другата мантра се најобични црни прикаски за застрашување на мали деца. Сето она што го создал или што го напишал човек може и да се менува, и особено меѓународните договори, подложни и подложени на разни историско-политички услови и односи во светот кој е во постојано движење и промени, па така и сите билатерални проблеми можат да се решаваат и да се решат, но на многу поцивилизиран и подобар, пријателски начин, а не со бедни уцени и под невиден притисок.

Пред се‘, треба да се каже дека Никос Коѕиас „тресна со глава на политичкиот бетон“ поради планот „Б“ што го лансира Панос Каменос, со кој, од тие задни интригантски намери наеднаш се слижа неговиот „неистомисленик“ Ципрас. Така сега знаеме, додека сите лажеа на сите страни дека нема план „Б“ за Македонија, дека ете, дури и во Грција имало план „Б“, кој ќе се активира доколку велепредавничката банда на Зоран Заев не успее со некоја нова криминална свинштина во Собранието да го протурка Преспанскиот договор.Тогаш значи, ако има план „Б“, ќе нема план „А“. А ако го нема фашистичкиот план „А“, значи дека не чинел, не бил добар и се заменува со „подобар“ грко-фашистички план „Б“. Колку тони лаги и безочни подмолности!

Но, тоа што сега со својот план „Б“ одненадеж во преден план изнурна подеднакво црниот Панос Каменос е апсолутно банално и проѕирно: целта на заговорниците на тој план е, прво, во внатрешната грчка политика да се прераспоредат политичките сили и да се завземат поцврсти позиции кај гласачкото тело пред веројатните предвремени избори по сосема извесниот колапс на грчката влада поради силниот македонски бојкот на референдумот за прифаќање на Преспанскиот договор, и друго, и покрај целосното фијаско на тандемот Коѕиас-Ципрас во уништувањето на македонскиот народ и на Република Македонија, Грција по секоја цена во натамошниот развој на билатералните и пошироките меѓународни односи да ја задржи досегашната наметната позиција на најсуверен арбитар во однос на прашањата врзани за евроатлантската иднина на „северниот сосед“, као што мило не‘ именуваат.

Е па, господа, кога не би било непристојно, јас сето тоа би го нарекол „најобично ср.ње низ густи гранки“! Но јас, еве, ќе бидам пристоен и ќе им порачам на сите оние безобѕирни и невоспитани туѓинци, без оглед на тоа од каде и од која меѓународна структура доаѓаат, и особено на надреалните домашни велепредавници на чело со архивелепредавникот и лажливец за кој во светот сеуште не е измислен аршин, Зоран Заев (а кога ќе го измислат секако ќе го носи неговото име), дека само македонскиот народ и сите македонски граѓани заедно имаат право да создаваат и да обмислуваат планови „А“, „Б“, „В“, „Г“, „Д“…„Ш“ за својата сегашност и за својата иднина! На референдумот од 30 декември за првпат по многу години, без какви и да е идеолошки и етнички предзнаци, македонските граѓани покажаа фасцинантна конзистентност и цврстина во одбрана на националните и државни интереси од безобѕирните грчки поробувачи, и до колена ги поразија бедната квислиншка заевштина и бескрупулозниот меѓународен интервенционизам во Македонија.

Нештата попримија нов тек и нови насоки. По овие страшни, разочарувачки и болни искуства со диктатурата и велепредавството на Заев и неговата клика црнохуморни креатури, тргнувајќи од референдумот, кога граѓаните ја покажаа својата освестена улога и вистинска непосредна демократска моќ да влијаат врз политичките настани и одлуки, Република Македонија и македонскиот народ никогаш веќе нема да дозволат да бидат сведени на најобични објекти на самрачни меѓународни пазарења и тргувања, и невини жртви на безобѕирната освојувачка грчка политика, со разни Коѕиаси, Каменоси, Ципраси, „Златни зори“ и кои се не будали, кои на целиот свет му го покажаа својот неограничен антицивилизациски капацитет и едно разголено, приземно лицемерие кон, како што велат, „милиот северен сосед, со кој Грција негува искрено пријателство“.

Е, таквото пријателство, господа мизантропи и антимакедонски фанатици, светскиот мудрец меѓу мудреците Платон го нарече „волчјо пријателство“! А пак нашиот голем македонски поет Григор Прличев за вас убаво напиша: „Лицем светци, срцем в‘лци“.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top