вторник, 20 ноември 2018 | Вести денес: 59 ново

Коѕиас до Димитров: Те чекам на островот Пријателство

Викигипс објавува дека во кабинетот на грчкиот довчерашен министер за надворешни работи, Никос Коѕиас се пронајдени копии од писма кои тој му ги испраќал до, како го ословува, неговиот најблизок соработник Никола од Втората страна. Викигипс ги објавува во целост:

Писмо од 1 октомври 2018

„Драг Никола, мој Никос, пријателе, мој најблизок соработник од Втората страна која беше примена во ОН во согласност со Резолуцијата 47/225 на ГС на ОН од 8 април 1999 година.

Никогаш нема да ги заборавам нашите моменти, што ми овозможи да уживам на автопатот и аеродромот Пријателство, на нашите плодотворни средби, исполнети со близина, со мојата топлина,со твојата отвореност. Се што ти кажав, се ме послуша, се прифати, со љубов и разбирање ги надмина границите, ги погази линиите, ја избриша лошата историја.

Со тага ја проследив информацијата за твојата оставка. Поведен од твоето писмо, а соочен со пропаста на нашето дело, јас сочувствував со тебе и исто напишав оставка. Без тебе и после тебе само ќе тонам во бездната на дипломатско бледеење.

Те очекувам мил мој пријателе Никос, на островот Пријателство.

Твој Ники“

Писмото од 16 октомври 2018

„Никола, Никос мој; Мој најблизок соработник од Втората страна која беше примена во ОН во согласност со Резолуцијата 47/225 на ГС на ОН од 8 април 1999 година.

Ти успеа да останеш во Владата и да го спречиш писмото со оставка, убедувајќи ги по телевизиите дека е фалсификат.

Јас моето го пратив, ама по грешка заврши кај Панос, и веќе немаше каде, знаеш каков е тој кон Пријателствата меѓу нас и оние твоите од Втората страна која беше примена во ОН во согласност со Резолуцијата 47/225 на ГС на ОН од 8 април 1999 година. Алексис се налути и не разбра дека е фалсификат. Тој не е како Заеф, не е толку мек, не попушта.

А сега? Сега, јас тргнав по тебе, ти прв повлече нога, сега ти гази по моите стапки.

Те чекам Ники на островот Пријателство, кога веќе никој не’ не разбира. Те чекам заедно да избледиме раскажувајќи прикаски за Хеленската Република и и новата историја на Втората страна која беше примена во ОН во согласност со Резолуцијата 47/225 на ГС на ОН од 8 април 1999 година.

Твој Ники

П.С. Му реков на Алексис да не фрла клетви по тебе, Зоран го излажа него, ти мене не.

Петел Бодичек

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top