сабота, 17 ноември 2018 | Вести денес: 74 ново

Помирување, со цел промена на името и Уставот на Република Македонија, не е прифатливо

 Дафина Стојаноска
– пратеничка

Демократија значи општествено уредување, каде што врховната моќ му е дадена на народот и се извршува непосредно преку него или преку негови избрани претставници во услови на слободен изборен систем.“

Демократијата е управување на народот, од народот и за народот.“

Демократија е облик на владеење, каде сите државни одлуки се спроведуваат директно или индиректно од страна на мнозинството на граѓаните, преку праведен изборен процес. Една влада може да биде класифицирана како демократска кога се исполнети овие услови.“

Сега ми се поставува прашањето дали Македонија е демократска држава и дали сегашната власт е демократска, односно дали носи одлуки, раководена од одлуката на мнозинството граѓани или не.

На 30 септември оваа власт организира референдум.

Референдумот, пак, претставува облик на непосредно одлучување на граѓаните за одреден правен акт или за донесување на одредена одлука од посебно значење за државата или локалната заeдница. Референдумот претставува најзначајна и најраспространета институција на непосредната демократија во светот.

Во Македонија референдумот е уставна категорија регулирана со членот 73 од Уставот на Република Македонија. Референдум може да се распише по претходно гласање на мнозинството парламентарци или пак Собранието е должно да распише референдум, кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.

И сега, повторно прашање: Дали оваа власт го почитува Уставот на Република Македонија или, конкретно, дали референдумот од 30 септември, кој заврши неуспешно, а според официјалниот заклучок на Државната изборна комисија, важи за оваа власт или не?

Мнозинството граѓани на Република Македонија на 30 септември не излегоа да одговорат на трозначно прашање, прашање кое беше манипулативно и прашање во кое влезот во ЕУ и НАТО беше условен со промена на уставното име на Република Македонија, со промена на идентитетот, на државноста, на јазикот и со поддавање на нашата богата историја на нејзино прекројување и изменување, а според волјата на нашиот јужен сосед, односно според капитулантскиот потпис од страна на министерот за надворешни работи на спогодбата со Грција. Оваа спогодба ја направи власта, без претходно да го консултира народот, што мисли за тоа и без учество на опозицијата.

Сега прашувате какви опции имаме ние?! Тоа требаше да го прашувате пред 17 јуни. Исто така, и консултативен референдум требаше да организирате пред 17 јуни.

Брзавте да ја завршите оваа капитулација и сега, кога народот ве игнорира, вие тоа не го гледате. Вие упорно продолжувате. Кршите Устав континуирано, а се повикувате на Европската Унија и на европските вредности. Каде во Европа се крши Устав? Каде во Европа не се почитува волјата на мнозинството? Кое демократско општество функционира на овој начин?

Или еве, ако не сакате да зборуваме на темата демократија, Устав, закони и право, да зборуваме за математика – чиста и егзактна наука. Во математиката 1.200.000 е поголемо од 609.000. Вие ги побивате и правото, и демократијата, и математиката. На 30 септември ја побивте и физиката, па така направивте гласачите своето право на глас да го изведат за 5 до 10 секунди. Како да се појавија спајдермени и супермени, дента на референдумот? Или можеби невидливи луѓе? Или можеби членовите на избирачките комисии ослепеа по 17 часот тој ден?

Едно треба да ви стане јасно: народот во Република Македонија ниту е слеп, ниту е невидлив, а ниту е несвесен за својата држава. Народот во Република Македонија ви го кажа своето мислење и став по однос на подметнатото прашање за договорот со Грција, кој договор за него значеше многу повеќе и од влезот во Европската Унија и НАТО.

Сега прашувате: Што да правиме со државата? Па, вие 11 години силно се боревте за да стигнете на власт и да ја водите оваа држава? Зарем сега не знаете како? Зарем сега ќе го плашите народот дека нема спас? Спасот вие го ветувавте со програмата за живот и за еднакво општество за сите. Имавте 15 месеци да докажете дека знаете да раководите држава.

Зошто во 2016–та не му кажавте на овој народ дека имате намера да се коцкате со него и со неговиот идентитет? Зошто тогаш не им ги кажавте вашите скриени намери?

Одлучивте и самите признавте дека е вредно да се стави на коцка сопствениот народ, а заради вашата неспособност и немање капацитет за водење економија, за инфра–структурни проекти, за здравство, земјоделие, образование. Ова беше најголемиот блеф на еден премиер. Блефираше дека има поддршка од народот. Блефираше дека ова е прашање да се биде или не. Народот процени дека референдумот беше,точно така – прашање да се биде или не, но не да биде продажба на Македонија, туку да биде и да остане Македонија. Народот ја избра Република Македонија, пред било што останато.

Се обидовте да му ги подметнете и ЕУ и НАТО во референдумското прашање, но народот повторно го прочита вашиот блеф. Истиот народ, за кој баравте камшик, истиот народ – за кој пробувавте да најдете бизнисмени што ќе го потплатат, истиот народ од кој вие побаравте одговор – ви одговори: не дискутира за промена на името на државата и за бришење на државните национални интереси.

Токму тој народ на 30 септември ни стави до знаење на сите 120 пратеници, дека немаме мандат од него за да гласаме за – за предлогот за пристапување кон измени на Уставот, а заради спроведување на договорот со Грција. Ниту еден од нас немаме,ама никакво право, да постапиме спротивно на волјата на народот и спротивно на Уставот на оваа држава.

Договорот на 17 јуни се потпиша без знаење и одобрение на народот, а од страна на нелегитимен потписник. Договорот на 30 септември не доби амин од мнозинството народ и затоа овој договор е беспредметен за понатамошни постапки и било какви процедури.

Предлогот за пристапување кон измени на Уставот на Република Македонија, а со цел имплементација на договорот со Грција, е нелегитимен, односно е спротивен на Уставот на Република Македонија.

Не се знае се’уште како ќе гласат точно измените во Уставот. Можеби ќе е подобро и да не се дознаат воопшто, зашто немате поддршка од нас за ова.

Двотретинско мнозинство за менување на македонскиот национален идентитет и менување на уставното име на Република Македонија не смеете да верувате дека имате или дека било кој некогаш, а за вакви капитулантски цели, ќе го има.

Да ставиме крај тука на овој криминален серијал за распродажба на име и идентитет и да гледаме влезот во ЕУ и во НАТО на оваа држава да и’ го обезбедиме со некој друг, пофер договор и договор кој ќе го сочува нашето минато, а кој ќе ја гради нашата иднина втемелена на нашите традиција, историја, култура , образование и единство.

По однос на овој договор, не постигнавте единство и консензус и немојте да глумите и блефирате повеќе. Народот ве прочита и ви го кажа последниот збор.

Македонија – била, е и ќе ја биде, со вас или без вас. И не грижете се. Нема да настане крај на светот. Македонецот секогаш се потпирал врз својот крст и своите маки. Македонецот видел лошо и полошо, ама не оставил никому да го избрише, па ни вас.

А, што се однесува до предлогот за помирување: за мене, најблаго кажано, овој предлог е непристоен и задоцнет. Каде бевте да не’ повикувате на помирување, кога се гласаше за одземање на пратеничкиот имунитет на нашите колеги? Каде бевте да не’ повикувате на помирување, кога нашите колеги измрзнаа по затворските ќелии во текот на изминатата зима? Каде бевте да не’ повикувате на помирување кога семејствата и домовите на нашите колеги и останатите неосновано обвинети се распаѓаа, и морално, и психички, и здравствено? Каде бевте да не’ повикувате на помирување, кога судските рочишта се одржуваа маратонски и кога во нив се одвиваше се’, само не правен процес според законите? Срамно е ова што сега од нас го барате. Срамно и, ќе повторам, ептен задоцнето.

Повикавте уште сите што се двоумат да мислат и размислуваат, да го направат тоа. Никој во Македонија не се двоуми да мисли и да размислува. Кога е во прашање вековното име на оваа држава и вековната историја на овој народ, нема никаква дилема. Таа се расчисти на 30–ти септември.

Повикавте да се стави волјата на граѓаните над волјата на партиите. Токму тоа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ го прави: ја става волјата на граѓаните над партиската. Односно, државата ни е пред се’ и над се’. И, за тоа нема помирување и преговарање. За тоа ви останува само вам да си го носите на ваш грб и на вашата совест и морал ова кршење на Уставот и законите во РМ.

Помирување, со цел промена на име и Устав на Република Македонија, не е прифатливо.

А, амнестија, за која вие во гради се чукавте дека не ја давате – ниту ви ја баравме, ниту ви ја прифаќаме.

Еден убав сончев ден прогнозирам дека на вас ќе ви биде потребна амнестија, а за сите сторени криминални дејствија и кражби кои успеавте да и ги сторите на оваа држава за само 15 месеци владеење.

Човечки и христијански е да се простува – да. Но, не е човечки да се откажуваш од сопственото потекло и од сопствената мајка, а тоа е Република Македонија.

За овој ваш чин ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ не простуваат и не стануваат ваши соучесници.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top