недела, 18 ноември 2018 | Вести денес: 0 ново

Николоски во Брисел: Прифаќањето на промената на Уставот беше црвената линија што ниту една друга Влада не ја помина

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ денес се обрати конференцијата на ЕПП насловена „ЕУ – Западен Балкан како заедно да ја изградиме нашата заедничка иднина?“.

Тој посочи дека соработката помеѓу Западен Балкан и ЕУ е клучна за стабилноста на регионот, а само јасен пат кон членството во ЕУ на сите земји во регионот е клучот за успех.

-Мојата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ силно верува дека иднината на Република Македонија е во ЕУ и во НАТО. За целиот регион, вклучувајќи ја и Македонија, не постои друга алтернатива, од политички, економски, социјален или културен аспект. Ние сме дел од истото семејство и цивилизација и треба да продолжиме да бидеме дел од истото. Во текот на изминатите месеци фокусот на регионот е на Македонија поради договорот за спорот со името со Грција. Како што сите знаете, Македонија се соочува со уникатен проблем во Европа, каде нејзиниот сосед Грција бара да се преименува, да се преименува и националниот идентитет на мнозинството од населението. Ова барање е во спротивност со декларацијата за слобода на самоопределување,основните човекови права и достоинството. Сепак Грција го користи своето членство во ЕУ и НАТО како алатка за блокирање на иднината на Македонија. Ние како земја сме приморани да преговараме за нешто што ниедна друга нација никогаш нема да го направи. Поради силната и цврста позиција на Грција и практична уцена, ние сме заглавени во процесот на членството во ЕУ и во НАТО. Како што знаете, Македонија помина низ политичка криза во текот на изминатите години, а една легитимна Влада беше заменета со актуелната Влада, користејќи недозволиви методи во политиката или методи кои што се на работ на дозволеното. Многумина велеа дека една од причините зошто се случуваше ова во Македонија беше да дојде на власт Влада која ќе виде пофлексибилна и ќе го реши прашањето за името. Најверојатно тоа е точно. Тука европските вредности беа тргнати на страна за една поголема цел. Но прашањето што се поставува е каква е користа од владата која нема поддршка од народот и потпишува договор кој е лош и не може да биде прифатен од народот. Тивкото мнозинство на референдумот кое одлучи со пасивен отпор да остане дома, а не да гласа, упати силна порака до сите, а тоа е дека секогаш е подобро да преговарате подолго и да постигнете добар договор, отколку тоа да го направите брзо и да донесете лош договор кој што луѓето нема да го прифатат. Беа направени многу грешки за да стигнеме до тука, имаше најмалку четири главни настани и грешки кои беа направени од страна на Владата, тоа се злоупотреба на проблемот за добивање политички поени и за лични интереси. Второ опозицијата беше целосно исклучена од процесот. Трето беше напуштањето на рамката на преговори во Обединетите нации и понатаму прифаќањето на промена на Уставот. Јас ќе ги објаснам секоја од грешките посебно., истакна Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека Владата на СДСМ дојде со многу ветување, повеќето во врска со владеењето на правото, борбата против корупцијата и економијата, но дека сето тоа било само приказна.

-Овие приказни беа и се убави и тие го кажуваат во Брисел тоа што сакате да го слушнете, но реалноста е сосема спротивна. Злоупотребата на власта се зголемува, а семејството на премиерот и вицепремиерот контролираат голем дел од бизнисите во земјата. Фактите се јасни, според индексот на перцепција за корупција од страна на Транспаренси интернешнл Македонија е на 107 место! 107 место! Споредено со само пред две години во 2015 година земјата беше на 66место. Место со кое и тогаш не бев задоволен и очекував да работиме подобро, но оваа Влада успеа да ја донесе земјата на 41 место подолу за само две години! Потоа е економијата, каде од земја со најголем раст во регионот, Македонија се најде помеѓу најсиромашните. Градежништвото е намалено за 30% само за една година, реализацијата на капиталните инвестиции изнесува само 23% за 10 месеци, а јавниот долг се зголемува и е близу 50%. За сето тоа Владата молчи. Тие зборуваат само за прашањето за името како изговор за корупција, злоупотреба на моќ и лоши економски резултати. Второ опозицијата беше целосно исклучена во текот на целиот процес и владата преговараше сама. Немаше ниту волја да разговара и да сподели со нас. Некој може ќе каже дека тоа е политичка одлука. Се согласувам. Но, Владата потпиша договор кој без ВМРО-ДПМНЕ не може да се спроведе. Се обидовме да бидеме конструктивни во сите процеси, баравме информации кои речиси никогаш не ги добивавме, дававме предлози кои никогаш не беа сфатени сериозно. Кога се разговараше за референдумот, ја предложивме формата на прашањето, предложивме две одделни прашања. Дали се согласувате Македонија да влезе во ЕУ и второто, дали се согласувате со договорот со Грција. На тој начин луѓето може слободно да одговараат на двете. Прашањето што владата го постави на референдумот беше повеќезначно и една од главните причини што луѓето останаа дома и не гласаа. И тој предлог беше одбиен. Кампањата на референдумот беше направена во поларизирана атмосфера со главна цел да се затвори опозицијата. Повеќе од 300 луѓе од опозицијата се на удар на Владата и судскиот систем што е во нивни раце. Многу случаи беа фабрикувани за оваа цел. Најдобар доказ за ова е вчерашната изјава на премиерот велејќи дека тој е подготвен за амнестија, само ако пратениците гласаат за уставните измени, што ги докажа сомневањата во јавноста дека ги создал овие случаи, како чипови за преговарање во неговите раце. Поради сето ова референдумот не успеа. Поради овие причини, не поради желбата на ВМРО-ДПМНЕ, туку поради желбата на луѓето кои се против договорот. ВМРО-ДПМНЕ се обиде да помогне и затоа никој не треба да не обвинува нас за тоа каде е земјата. Критичарите треба да одат на едно место. Кога некој премногу ветува, а потоа не испорачува тоа не е вина на опозицијата. Третата грешка е напуштањето на рамката за преговори во Обединетите нации. Обединетите нации се механизам кој им помага на помалите држави, како што е Македонија, со цел да се заштитат од поголемите како што е Грција. Не беше случајно тоа што овој механизам беше воспоставен и не случајно генералниот секретар на ОН имаше свој специјален пратеник, Метју Нимиц. Денот кога владата одлучи да ги напушти овие принципи и да започне директни преговори, прво помеѓу министрите за надворешни работи и потоа помеѓу премиерите, беше денот кога Македонија го загуби своето име, а Македонците го изгубија својот идентитет. После се, тоа беше само техника. Во текот на тие денови бевме гласни и повикувавме преку медиумите дека тоа не треба да се направи, предвидувајќи дека Македонија ќе биде најголемиот губитник од таквата авантура. За жал никој од владата не не послуша и стравувањата се остварија, порача Николоски.

Тој посочи дека прифаќањето на промената на Уставот беше црвената линија што ниту една друга Влада не ја помина, а тоа е една од главните причини зошто луѓето не го прифаќаат договорот.

-Исто така не смее да се заборави дека владата направи масовно полнење на кутии, повеќе од 3.5% ливчиња беа незаконски ставани во гласачките кутии. Математиката укажува на тоа дека постојат места каде што гласале луѓе на секои 2.4 секунди, или на секои 5 секунди или на секои 9 секунди. Тоа не е можно! Побаравме комисија во собранието и обвинителот да го истражат ова, а Владата го отфрли и барањето истиот ден, што покажува дека имаат што да скријат. Сега мора да се соочиме со реалноста. Македонија има европска иднина и ние веруваме во тоа. Знаеме дека тоа е преку договор со Грција. Но, ние мора да бидеме реални. Договорот мора да биде таков што може да биде прифатен од македонскиот народ. Затоа ВМРО-ДПМНЕ верува дека кога ќе имаме шанса да ја водиме Владата, ќе можеме да постигнеме подобар договор со Грција, договор кој ќе биде избалансиран и во корист на Македонија, не само во корист на Грција. Овој договор мора да се соочи со реалноста и граѓаните да можат да живеат со него. Свесен сум дека Грција ќе се вклучи во изнаоѓање на подобар договор, бидејќи е и од нивен интерес да има стабилен регион и да има договор што ќе може да биде прифатен. Договор кој ќе ги почитува правата на Македонците да имаат своја држава и свој идентитет. Тоа е договор кој може да биде прифатен и да биде во полза на сите. Во меѓувреме мора да се фокусираме на работа. Борбата против корупцијата, владеењето на правото и подобрата економија не се поврзани со проблемот со името, туку се поврзани со работа што оваа Влада не го прави и поради тоа оваа Влада мора да замине, порача Николоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top