четврток, 15 ноември 2018 | Вести денес: 106 ново

Дела од словенечки, хрватски, српски, црногорски и босанско – херцеговски автори од колекцијата на Националната галерија на Македонија

На 17 октомври (среда), во објектот Чифте амам, во 19 часот ќе се отвори изложбата со наслов  Дела од словенечки, хрватски, српски, црногорски и босанско – херцеговски автори“ од колекцијата на Националната галерија на Македонија која се реализира во рамките на одбележувањето на јубилејот  Седумдесет години Национална галерија на Македонија.

Изложените дела припаѓаат на  таканаречената Југословенска збирка чија историја е тесно поврзана со историјата на Националната Галерија. Формирањето на збирката започнало во првите години од основањето на галеријата а временскиот период на создавање на делата се движи од почетокот на XIX до средината на XX век.

На изложбата ќе бидат презентирани околу 110  ликовни дела (слики и скулптури) од колекцијата на Националната галерија на Македонија. Изложбата на љубителите на уметноста им дава општ преглед на стилскиот и хронолошкиот развој на сликарството и вајарството создавано од словенечки, хрватски, српски, црногорски, босанско и херцеговски автори, обработени и претставени според нивните временски и стилски карактеристики во зависност од обемот и квалитетот на збирката што ја поседуваме. Ќе бидат  претставени најзначајните имиња на сликари и вајари од бившите југословенски републики (Влахо Буковац, Мирослав Краљевиќ, Урош Предиќ, Целестин Медовиќ, Паја Јовановиќ, Петар Добровиќ, Петар Лубарда, Зора Петровиќ, Ѓорѓе Андреевиќ – Кун, Крсто Хегедушиќ, Омер Мухаџиќ, Тома Росандиќ, Иван Мештровиќ, Антун Августинчиќ и др.) чие творештво го прикажува развојниот пат од класицизмот кон создавање на современиот модерен ликовен израз.

Во деветнаестиот век југословенската уметност доживува силен подем. Односот меѓу црковното и граѓанското сликарство почнува да се менува. Сликарите главно творат во духот на класицизмот, бидермаерот, романтизмот и академскиот реализам. Најзначајните сликари од овој период кои истовремено се застапени во нашата збирка сеПавел Ѓурковиќ, Константин Данил, Никола Алексиќ, Новак Радониќ, Стеван Алексиќ, Урош Предиќ, Паја Јовановиќ, Влахо Буковац, Целестин Медовиќ и др.

Во првата половина  на XX век  на целиот југословенски простор се појавува стремеж за надминување на разликите меѓу „старото конзервативно“ и „новото модерно“ сликарство,  меѓу „академизмот“ и „современите тенденции“. Притоа процесот на модернизацијата бил поттикнат главно од импресионистичките импулси како во Хрватска така и во Србија, Словенија Босна и Херцеговина и Црна Гора. Овој период го одбележуваат авторите: Мирослав Краљевиќ, Рихард Јакопиќ, Матија Јама, Матеј Стернен, Милан Миловановиќ,Коста Милиќевиќ, Надежда Петровиќ, Сава Шумановиќ, Петар Лубарда, Јован Бјелиќ, Милан Коњовиќ, Ѓорѓе Андреевиќ-Кун, Крсто Хегедушиќ и др.

На изложбата ќе биде презентиран и дел од оригиналната архивска документација поврзана со формирањето на оваа збирка во периодот од 1948 до 1956 година. Преку презентацијата на оваа документација  ќе се потсетиме  на огромниот вложен напор,  не само на тимот кој ја водел Уметничка Галерија (Борко Лазески, Никола Мартиноски), туку и на државните институции кои несебично и со голема одговорност ја поддржале оваа акција и придонеле Национална галерија да ја поседува најбогатата збирка од овој тип во Македонија.

Привилегија на културата е да ги гради и одржува мостовите на заедништво меѓу географски и културолошки блиски народи. Токму заради тоа, на отворањето на изложбата ќе се обратат директорката на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими, амбасадорот на Р. Словенија во Македонија, Н.Е. господинот Милан Јазбец и академик Газанфер Бајрам.

Куратори на изложбата се Татјана Бундалевска и Славица Алексоска и истата ќе биде поставена до 18 ноември 2018 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top