четврток, 15 ноември 2018 | Вести денес: 96 ново

Ново салто мор(т)але на Ферид Мухиќ

 Алдо Климан

Пратеникот-пучист Ферид Мухиќ нагло се премисли и, како што известуваат медиумите, ќе гласа „за“ прифаќање на капитулантскиот Преспански договор. Неговото „тркалезно па на ќоше“ објаснување, а всушност кутро оправдување по однос на сопствениот премочан став од пред неколку дена, кога беше за „не“прифаќање на договорот, е оти наеднаш филозофски сфатил дека нема право да ги изневери гласовите на „20.000“ граѓани кои, според неговата математика, како што вели, му искажале доверба. Притоа тој направи цела една комплицирана политикантска (за)плетенка од евтини софизми и плитки досетки од типот „сакам кажам не знам речам“ за кутро и проѕирно да ја забошоти тешката, смрдена реа од својот повторен брзопотезен морален конвертитски пад, при што Вистината, и филозофската и животната, пред целата домашна и светска јавност мизерно ја погази, а силната етичка смрдеа од тој чин сепак остана за секогаш да гние и да труе во воздухот.

Тоа ново салто мор(т)але на Ферид Мухиќ, по она на 27 април минатата година, беше апсолутно неинтелигентен перформанс на неговата бедна филозофија, во која тој се потпре врз една тиквасто шуплива (математичка?) хипотеза. И еве зошто: ако тој како филозоф, кој би требало да биде олицетворение на мудроста и чесноста, под непознати самрачни услови, само за неколку дена и ноќи радикално го сменил своето мислење од една крајност во друга, од „не” до „за”, од каде му право да смета дека денес, цела една и пол година од предвремените парламентарни избори кога е избран за пратеник, и по сето она стравотно што во меѓувреме и‘ се случи на Македонија, тие „негови“ „20.000“ гласачи сеуште мислат исто за него и за неговите црни наредбодаватели како тогаш? Можеби сите тие 20.000 гласачи на кои се повикува, во тој долг и м(р)ачен период за македонскиот народ, сосема радикално го смениле своето мислење за него, од „за Мухиќ“ во „против Мухиќ“ како доследен застапник на велепредавничката и измамничка политика на Заев и на неговата криминална клика. Еве, јас велам само „можеби“, и нема да се впуштам во бедни лажливи хипотези и сугерирачки шпекулации како него кој тврди дека гласачкото тело од „20.000“ граѓани му останало верно, зашто, господине Мухиќ, поразот до колена што го доживеавте вие и вашите на референдумот од 30 септември зборува многу погласно и појасно од секое ваше софистичко нафрлување и оправдување со проѕирни политикантски досетки и импровизации.

Истакнатиот хеленист Милош Ѓуриќ, пишувајќи за односот на еден од најголемите светски филозофи Сократ кон софистите од своето време, кои во етичка смисла апсолутно според ништо не се разликуваат од овие денешни софисти од типот на Ферид Мухиќ и целата заевска фела на чело со нивниот примитивен Дуче-пазарџија, вели:

„Сократ беше во право кога своите противници ги обвини дека бегаат од светлина во мрак, и оти се занимаваат со она што е случајно и небитно, штом софистиката ја сведоа на вештина на привидот и обманата”.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top