четврток, 15 ноември 2018 | Вести денес: 50 ново

Кривична пријава против поранешниот беровски градоначалник за „злоупотреба на службената положба“

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово, до Основното јавно обвинителство Берово, поднесе кривична пријава против Д.Н.(60, -поранешен градоначалник на општина Берово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Како што соопшти МВР, пријавениот, како градоначалник на oпштина Берово, во три наврати ја злоупотребил својата службена положба и овластување. На 18.11.2015 година на административна службеничка В.П. од село Будинарци незаконски и издал решение за давање на овластување иако не ги исполнувала законските услови кои биле потребни за тоа работно место.

Во периодот од 01.01.2016 година до 31.10.2016 година и се пресметувала плата како на раководител на одделение иако имала решение за распоредување на работно место самостоен референт – комунален редар. Со ова дејствие пријавениот го оштетил буџетот на општина Берово во износ од 199.488 денари.

На 26.07.2017 година склучил договор за вработување со Б.Ш. од Берово за работно место референт за подготвување на материјали за седници на совет, за кое било потребно вишо образование или средно образование. Таа го исполнила условот и се вработила со средно образование. Но, по склучувањето на договорот за вработување, со решение за утврдување на висина на плата и бил утврден надомест на плата како за службеник со завршено високо образование. Со ова дејствие пријавениот го оштетил буџетот на општина Берово во висина од 25.704 денари.

На 27.06.2017 година пријавениот склучил договор за вработување со Г.Р. од Берово за работно место пожарникар, иако во моментот на распишување на огласот немало обезбедени буџетски средства за таа намена. Од 26.07.2017 година исплатата на плата се вршела од наменската сметка за донација од МВР која е наменета за исплата на плати на припадниците на Територијалната противпожарна единица и за која исплата немало добиено согласност од истото Министерство преку Министерството за финансии. На тој начин пријавениот го оштетил буџетот на општина Берово во износ од 355.660 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top