сабота, 17 ноември 2018 | Вести денес: 20 ново

Почна грејната сезона

 Од денеска почнува грејната сезона на корисниците на компанијата БЕГ. Корисниците поврзани на централниот систем на топлинска енергија ќе добиваат топлинска енергија се до 15 април 2019 година.

Во овој период испораката на топлинска енергија се врши по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. Овие правила и дијаграми се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите одобрена од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

Доколку надворешните температури се пониски, во текот на регулираниот период се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 +1 степен Целзиусов. При одредени атмосферски услови на доволно топло време, кога не е потребно никакво греење, се прекинува испораката на топлинска енергија во периодите на високи надворешни температури, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности, греењето повторно се вклучува. При испораката на топлинска енергија се обезбдува оптимална потрошувачкa на топлинска енергија со минимални трошоци за греење на корисниците, појаснуваат од БЕГ.

Информираат дека годинава споредено со минатата година бројот на нови потрошувачи е зголемен, а трендот на повторно приклучување се должи на високиот комфор што го добиваат потрошувачите за најдобра цена, согласно сите еколошки стандарди.

Како резултат на континуираната модернизација на системот за централно греење, квалитетот на услугата е значително подобрена.

Потрошувачите имаат и дополнителна поддршка преку услугата „Мој Сервис“. Стручните екипи на „Мој Сервис“ досега направиле преку 4.000 интервенции. Најчести интервенции се приклучувања кон системот за централно греење, замена на грејни тела, интервенција на вертикалната инсталација во зградите, интервенција во ормарче, прочистување и увид во внатрешната инсталација итн., наведуваат од БЕГ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top