вторник, 13 ноември 2018 | Вести денес: 1 ново

Ангеловски: Убедлив триумф во допадлива игра, продолжуваме исто и во Ереван

Македонија денеска го победи Лихтенштајн со 4-1 во еден натпревар со допадлива игра. На Македонија сега и е потребен само уште еден бод во последните три кола за да го завери првото место.

„Сега се огромни се шансите да бидеме први, но готово ќе биде кога ќе биде и теоретски. Но важно е да имаме и подобар скор од останатите први места во другите групи бидејќи тоа влијае на тоа кој ќе биде домаќин во полуфиналето. Треба да ги победиме и другите натпревари бидејќи е важно за рејтингот, но и за шеширите во квалификациите“, изјави селекторот Игор Ангеловски на прес конференцијата по мечот.

„Во минатото имавме проблеми со ваков тим на репрезентации, но сега покажуваме еден нов квалитет, максимално ги респектираме противниците и имаме сериозен приод кон секој натпревар. Да, имаме квалитет да играме во погорните лиги, но треба да се избориме за тоа“.

„Коинциденција беше тоа што овој натпревар заврши со 4-1 исто како и тој пред 25 години. Не го намаливме темпото во финишот за да се случи тој резултат, имавме шанси и за поубедлива победа“.

„Фудбалерите се заслужни за триумфот, им честитам на играчите за победата која е изборена по еден сериозен здравствен проблем кој го имавме. Медицинскиот тим напорно работеше за да ги оспособи за денес. Јас се радувам што работам со овие играчи“.

„Состојбата со вирусот го диктираше денешниот состав. Препорака од докторите беше дека дел од играчите можеме да ги користиме само по 30-40 минути. Јас сум задоволен од настапот на сите“.

„На секој натпревар одиме на победа, на гол повеќе од противникот, уште поубаво е тоа кога ќе го направиме со допадлива игра, се надевам дека сите се задоволни од тоа што се случуваше денес. Се разбира и во Ереван ќе одиме на победа против Ерменија“.

„Единствено не сум задоволен од примениот гол, многу лабаво влеговме во акцијата на противникот и му дозволивме да даде гол. Тоа е единствената моја забелешка за денешната игра“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top