сабота, 20 октомври 2018 | Вести денес: 5 ново

Шилегов дозволил плаќање на рати на комуналиите за зградата кај „Мајчин дом“

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов му дозволил на инвеститорот на деветкатницата кај „Мајчин дом” комуналиите да ги плати на 12 рати, пишува „Магазин“.

Инвеститорот, Друштвото за градежништво, проектирање, инженеринг, трговија и услуги “ЗСФ ком”, на Градот треба да му плати 64.527.333 денари или приближно 1,049 милион евра како надомест за уредување градежно земјиште.

Градските власти пресметале дека инвеститорот на Општина Аеродром, на чија територија е деветкатницата што аеродромци не дозволуваат да се гради, треба да и плати 23.464.327 денари. Без да го плати надоместокот, инвеститорот не може да добие одобрение за градење. Одобрението му е веќе издадено, а инвеститорот договорил со Град Скопје отплатата на комуналиите да биде на рати.

  • Ние како институција, само ја изготвуваме пресметката за надомест за уредување градежно земјиште, популарно наречено комуналии. Во однос на конкретниот проект, на Град Скопје му припаѓаат 60 проценти од вкупниот надомест за уредување градежно земјиште, а на Општина Аеродром и следуваат 40 проценти. На Град Скопје во конкретниот пример му следуваат 64.527.333 денари. Плаќањето е на рати, и тоа првата рата 29.358.200 денари, и втората околу 4.106.285 денари, а остатокот ќе се доплати на 10 рати – велат за „Магазин“ од одделението за односи со јавност на скопскиот градоначалник.

Градилиштето за деветкатницата беше оградено во понеделникот. Од Општина Аеродром, од каде што е издадено одобрението за градење на деветкатницата, велат дека инвеститорот го уплатил целиот износ за комуналиите.

Комуналиите уплатени од посочениот инвеститор за објектот пред „Мајчин дом” се во износ од 23.464.327 денари. – кусо одговараат од Аеродром на прашањата за комуналиите за деветкатницата.

„ЗСФ-ком” има одобрение да изгради објект висок 30 метри, со приземје, осум ката и потпокрив и со бруто површина од 20.000 квадратни метри на парцела со површина од 3.538 квадратни метри. Архитектите велат дека на одобрената површина може да се сместат околу 250 стана.

Инвеститорот не го покажа проектот, слика од новиот објект нема на информативната табла на градилиштето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top