петок, 19 октомври 2018 | Вести денес: 20 ново

Независен синдикат на полицијата: Нема униформи за полициските службеници

Независниот синдикат на полицијата денеска повторно се пожали дека полициските службеници немаат добиено униформи.

Претседателот на синдикатот Гоце Делчев Тодев во изјава за медиумите дадена пред Министерството за внатрешни работи рече дека полициските службеници сами се снаоѓаат и шијат или купуваат униформи од дивите пазари. Најави дека од денес полициските службеници ќе носат елеци со сооветен амблем.

Од Синдикатот денеска му дадоа јавна поддршка на министерот за внатрешни работи кој обелодени дека во Министерството за внатрешни работи се откриени 40 лица кои биле вработени со фалсификувани дипломи и побараа од него вработување на соодветни кадри.

– Му даваме јавна поддршка на минитерот и како Независен синдикат на полицијата бараме лица со соодветни дипломи на соодветни работни места согласно интерни огласи кои мора да бидат така покриени за да нема лица со фалсификувани дипломи, изјави Тодев.

Од друга страна МВР ги демантира тврдењата за немање набавка на нова опрема за полициските службеници.

Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла како неточни тврдењата изнесени на прес-конференцијата на претставниците на Независниот полициски синдикат околу наводното неспроведување на активностите за набавување на нова опрема за полициските службеници.

– Точно е дека претходното раководство на МВР десет години не набавувало униформи, но веднаш по доаѓањето на новото раководство на МВР беа преземени мерки за решавање на овој проблем, наведува МВР во демантот.

Во соопштението се наведува дека со Планот за јавни набавки на МВР, за 2018 година предвидени се вкупно 18 постапки за набавка на униформа и делови на униформа, кои Одделот за општи и заеднички работи при МВР ги има започнато согласно процедурите за набавка соодветно на видот на постапките.

– Во изминатиот период беше извршена набавка на комплет униформа за припадници на ЕСЗ за урбани средини, како и комплет униформа за рурални средини; ремени за сите полицајци, комплет униформа за воздухопловниот персонал. Исто така потпишани се договори за набавка на зимска опрема (панталони, здолништа, кожни ракавици, како и наменски ракавици за сообраќајната полиција и слично) што ќе биде испорачана до крајот на овој месец, како и дел од опрема (џемпери), наведува Министерството.

Натаму се додава дека постапките за набавка на високи специјални чизми и маици за припадници на МВР се во тек и треба да завршат до крајот на годината.

– Покрај ова, во интерес на задоволување на итните потреби од основна униформа за 1.200 припадници на полиција со статус – помлад полицаец кои поради затекнатите претходни состојби, односно недостиг од униформи ја користат работната униформа од обуките, во итна постапка беа набавени по 1.200 пара/парчиња маици со кратки ракави, кошули, кратки јакни, вратоврски и опасачи, а во текот на наредните денови се чека испорака на чевли и панталони, по што оваа опрема ќе биде поделена на нововработените полицајци, наведува МВР во демантот до јавноста.

МВР додава дека покрај овие тековни активности за комплетно опремување на полициските службеници, се спроведуваат и активности за инфраструктурно и техничко подобрување на условите за работа на полициските служби, за што претходно веќе ја инфомирале јавноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top