среда, 24 октомври 2018 | Вести денес: 1 ново

Мицкоски: Ниту Јанчев ниту Рангелова ќе бидат разрешени од функциите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски категорично ги демантира информациите дека попладнево на седница на Извршниот комитет ќе бидат разрешени потпретседателот, Митко Јанчев и претседателката на Унијата на жените, Даниела Рангелова.

Лидерот на опозициската партија за „Плусинфо“ оценува дека станува збор за шпекулации зготвени во кујната на социјалдемократите и јалов обид за дефокусирање на македонската јавност од суштинските проблеми во државата и од фактот дека референдумот беше неуспешен, при што додава дека СДСМ по неуспешниот референдум, наместо да одговори како беа уфрлени повеќе од 35.000 гласачки ливчиња, продолжуваат со дезинформирање на јавноста и оцрнување на опозициската партија.

-Најостро демантирам дека на седница на Извршниот комитет ќе се случи какво било разрешување во партијата. Ниту сум помисил, ниту планирам да има такво нешто. Јас ги разбирам СДСМ и луѓето околу нив и јасни ми се нивните намери и што сакаат да постигнат со вакви шпекулации и класични дезинформации насочени, пред сѐ, кон ВМРО–ДПМНЕ. Ние се подготвуваме за избори и немаме намера да се занимаваме со шпекулации на кујната на СДСМ по неуспешниот референдум, вели Мицкоски и додава дека станува збор за редовна седница на Извршниот комитет на која партијата планира да ги заокружи подготовките за претстојните предвремени парламентарни избори.

Претседателот на ВМРО–ДПМНЕ ги демантира и пишувањата во медиумите дека наводно барањето за разрешувањето на Јанчев и на Рангелова било стокмено токму по негова директива, а поради несогласувања околу партиската одлука секој да постапи по свое убедување на референдумот.

-Јас како претседател и како човек во ниту еден момент не сум помислил на такво нешто. Со Јанчев имам добра комуникација, токму утрово со него разговаравме. Ставот на ВМРО–ДПМНЕ е јасен и неколку пати досега повторен и за ситуацијата пред и по референдумот, а секој што смета да постапи спротивно на волјата на граѓаните јасно изразена на 30 септември ќе ја загуби довербата од македонските граѓани – вели Мицкоски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top