среда, 24 октомври 2018 | Вести денес: 1 ново

Владимир Нелоски: Албанците и младите луѓе во земјава му кажаа НЕ на Заев (видео)

Премиерот Зоран Заев го глуби тлото под нозе, смета Владимир Нелоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, младите луѓе во земјава се тие кои ќе му го покажат местото на Заев и ќе го испратат во историјата.

Референдумот заврши, победа прогласија и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Сега главна тема на разговор е двотретинското мнозинство кое му е потребно на СДСМ за уставни промени кои ќе овозможат спроведување на Договорот со Грција. Велјановски посочи дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржат уставните измени, а од друга страна пак се зборува за купени пратеници од вашата партија кои ќе гласаат за уставните измени. Кој е следниот чекор на ВМРО-ДПМНЕ?
НЕЛОСКИ: Би се осврнал прво на 30 септември, односно референдумот кој што се оддржа. Без разлика што и ние како ВМРО-ДПМНЕ имаме свој став за референдумот, и СДСМ како владејачка партија има, она што е важно е дека во средата одлуката на ДИК излезе во Службен весник. Нивната одлука е дека референдумот е неуспешен, односно не се излезени потребните 50 + 1% за било која одлука да биде успешна или пак неуспешна.
Во однос на шпекулациите на нашите пратеници сакам да ги демантирам, јавно да дадам поддршка на сите наши пратеници да останат на браникот на државните интереси. Како што и веќе во средата дел од пратениците на Комисијата се изјаснија, а претходно и голем дел од другите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија дека ќе ја послушаат волјата на народот и нема да гласаат за уставните измени кои се со цел спроведување на договорот од Преспа. Така што во претстојниот период што престои како ВМРО-ДПМНЕ, нашиот став е дека треба да се остане на истото гледиште нако и граѓаните, затоа што 1 200 000 граѓани се изјаснија дека не го поддржуваат референдумот и овој договор. Ние како партија треба да останеме на иста линија со тие граѓани.

Иако ВМРО-ДПМНЕ официјално не повика на бојкот, утрото претседателството на партијата се изјасни дека ќе апстинира. Дел од пратениците, меѓу кои и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сепак излегоа на референдум. Оттука е и сомнеж кај народот дека ова може повторно да се случи, дека може да се купат пратеници. Од каде сте сигурни дека нема да излезат од контрола работите?
НЕЛОСКИ: Ставот на ВМРО-ДПМНЕ пред самиот референдум е кристално јасен и сите оние кои одлучија на денот на референдумот да не гласаат, но и оние кои се одлучија и излегоа да гласаат против беа во рамки на нашиот став како партија. Конкретно за одлуката на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, тој веднаш по референдумот се изјасни дека нема да ги поддржи уставните измени. Така што оние шпекулации кои СДСМ сакаат да ги протнат во јавноста не држат и сите пратеници ќе останат доследни на она за коешто барале поддршка од граѓаните на изборите во 2016 година, а тоа е дека нема да прифатат промена на уставното име на Република Македонија.

Дали ВМРО-ДПМНЕ е подготвено за избори? Изборните штабови веќе се формираат, но имате и барања – 100 дена техничка влада, нов јавен обвинител и анкетна комисија за референдумот. Заев не ги прифаќа овие барања. Има ли простор за отстапки доколку се распишат изборите?
НЕЛОСКИ: ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициона партија секогаш е подготвена за избори и веќе на последниот ИК го изгласавме генералниот секретар за претседател на регионалниот изборен штаб, почнати се подготовките за избор на општински изборни штабови, но она коешто е многу важно за претстојните парламентарни избори, доколку ги има, е тие да бидат регуларни. Оние барања кои ги доставивме како ВМРО-ДПМНЕ се основите за тие избори да бидат регуларно. Најпрвин техничка влада која што ќе се осигура преку министртите во МВР и Труд и социјална политика, потоа во Земјоделие и Информатичко општество. Да се осигураме тие избори да бидат фер и демократски. Тоа да биде во рамките на 100 дена. Потоа да се формира анкетна комисија која ќе ги испита случувањата на денот на референдумот. Без разлика што СДСМ сака да направи некоја димна завеса дека референдумот поминал во најдобар ред, ние имаме низа на недоследности кои ни укажуваат дека голем број на гласови се злоупотребени. Има повеќе гласачки места каде има невидена брзина на гласање. Се гласало за 4,5 секунди, 10 секунди. Тоа е физички невозможно. Потоа има многу места каде што имало притсоци врз набљудувачите присутни на изборните места. Биле заклучувани во простории, имало закани по нивните животи. Во Куманово пак, во едно изборно место има различен број на гласачки ливчиња во гласачката кутија од избирачи кои се запишале дека гласале. Комисијата тоа треба да го испита и да спречи истото да се повтори на изборите доколку ги има. И на крај избор на ноов јавно обвинителство кој на вистински начин ќе го сузбие криминалот и република Македонија и за време на изборите, и по изборите да биде општество каде нема да може луѓе со калашникови да шетаат по улиците на главниот град, каде што нема да може пајташите блиски до власта да прават што сакаат, да се закнуваат, каде на днеот на изборите нема да имаме како на денот на референдумот повици да се излегува да се гласа, да се бришат статуси, коментари и содржини на фејсбук и да се погрижи по завршувањето на изборите, како што тоа беше случај по референдумот, да нема рефаншизам кон оние луѓе со поинаков став од владејачкото мнозинство. Да не заборавиме, на 1октомври, еден ден по референдумот беа врачени голем број на откази на луѓе кои не излегле да гласаат или јавно го искажале својот став дека не ги поддржуваат уставните измени. Така што., тие се вредностите на владата во моментот, а за жал, тие вредности нема да не однесат во ЕУ.

Но Заев јавно излезе со став дека не ги поддржува тие барања. Што ако утре еве, нема двотретинско мнозинство, распишува избори. Ќе ги бојкотирате изборите?
НЕЛОСКИ: Во моментов не би сакал да давам коментар што би направиле доколку Заев одлучи на насилнички начин да распише узбори, Но, се надевам дека во едно делче во него има чувство на државност, и ќе донесе одлука која нема повторно да и наштети на Македонија. Со такви избори коишто ќе бидат насилнички спроведени, без прифаќање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ, ќе изгуби народот. Треба на билокои избори да се слушне волјата на народот. Ако имаме девијантно однесување на изборите, нерегуларности, полнење на кутии, нема да се слушне волјата на народот. Народот треба самостојно да излезе и да го искаже својот став.

Тоа гласање за 4 секунди за кое зборувавте, главно се случуваше во избирачки места каде што има главно албанско население. Се очекуваше поголема излезност на Албанците, но тоа не се случи. На минатите избори ВМРО-ДПМНЕ реално победи на изборите, но не формираше влада бидејќи не успеа да се договори со албанските политички партии. Што ако дојде до слична ситуација и сега? Сте разговарале со некоја политичка партија од албанскиот политички блок?
НЕЛОСКИ: Јас лично немам разговарано со партиите, но сум разговарал со Албанци кои ги сретнувам во секојдневието. Според мене двете најважни работи од овој референдум се, прво, што после две години лажење, Албанците му го свртеа грбот на Заев и СДСМ и втората работа е што младите луѓе го увидоа вистинското лице на Заев, односно дека тој не им нуди подобра иднина. Ако ги погледнеме албанските средини освен во тие места каде што има нерегуларности, во ниту една средина каде што има мнозинство албански гласачи нема исполнет цензус. Што значи тоа? Тоа значи дека конечно и Албанците му кажаа, после изборите 2016 и 2017 година НЕ на Зоран Заев и очекувам и на овие избори да му кажат НЕ на Зоран Заев. На референдумот излегоа некаде околу 250 до 280 000 Албанци. Ако ги минусираме нерегуларните гласови тоа се некаде околу 60 000 гласови, доаѓаме до некоја бројка од 220-230 000 албански гласачи кои излегоа на референдум, што е јасен показател дека политиките на Заев веќе не поминуваат кај Албанците и на Албанците не им е важна само евро-атлантската интеграција, туку им е важен и секојдневниот живот , секојдневните проблеми кои ги мачат и со коишто се соочуваат сите граѓани. Дополнително, и младите луѓе му кажаа НЕ на Заев. Во Карпош и Центар каде има најголема излезност, младите луѓе се под 20 проценти. Насекаде во државата младите кажаа НЕ на Заев. На наредните парламентарни избори, кои ќе се одржат откако нема да им помине овој притисок којшто се обидуваат да го направат врз нашите пратеници, младите ќе застанат со ВМРО-ДПМНЕ и ќе му го покажат местото на Заев, односно ќе го пратат во историјата заедно со останатите транзициони политичари. Заев го губи тлото под нозе и се обидува на рекетарски начин да ги исполни ветувањата кои ги давал, не на македонскиот народ, туку на некои други места.

Целиот разговор погледнете го во видеоинтервјуто.

 

Разговараше: Билјана Бабиќ
Фото и видео: Александр Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top