среда, 24 октомври 2018 | Вести денес: 1 ново

„Го сакам Водно“ демантира дека е постигната согласност со активистите за гасоводот

Граѓанската иницијатива „Го Сакам Водно“ во потполност го демантира соопштението на МЕР АД Скопје, со кое ја информираше јавноста дека активностите на планината за гасоводот продолжиле откако била постигната согланост со граѓанските активисти.

Од Иницијативата велат дека не е постигната согласност, ниту биле дел од работните групи за мониторинг на изведбата на целиот проект.

-Ширење лажни вести како официјално соопштение е сепак пострашно од fake news (лажни вести), нели Миле Бошњаковски и Бајрам Реџепи? Освен, ако нема некои нови, преку ноќ одгледани граѓански активисти- се вели во демантот на Го сакам Водно.

Инаку, вчера планинари и активисти забележаа дека повторно машинерија работи на скопската планина. Иницијативата Го сакам Водно објави и видео во кое активистка застануваа пред багер, барајќи дозвола за градба. Исто така, побараа веднаш да престанат градежните активности и да се отстрани механизација од Водно.

Нема никаков официјален документ издаден од државна институција за изменетата траса. Официјалните документи покажуваат стара траса со 25 метри широчина. Имаме очигледни празни ветувања, за кои не постои ниту намера да се исполнат. Уништувањето на Водно продолжува и тоа на државен празник, рекоа од Го сакам Водно.

Од МЕР пак, потенцираа дека од понеделникот се отпочнати активностите за изградбата на Магистрален гасовод Делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар кај потегот на Водно и тоа од км 25 до км 26 на потегот кон Шишево.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top