сабота, 20 октомври 2018 | Вести денес: 5 ново

Трпески: Ова е политичка хајка, ниту сум изготвил ниту сум потпишал ниту едно Решение за унапредување

Поранешниот директор на Агенција за катастар, Славе Трпески, во целост ги деманитра наводите изнезени во денешното соопштение на Министерството за внатрешни работи за поднесена кривична пријава против него и истите тие наводи со кои се алудира на некакво противправно дејство од негова страна ги оценува како неточни и невистинити.

-Најодговорно потврдувам дека ниту сум изготвил ниту сум потпишал ниту едно Решение за унапредување на било кој државен службеник вработен во Агенцијата за катастар на недвижности, во перидот додека ја обавував функцијата директор на Агенцијата за катастар на недвижности. Донесување на решенија за распоредување на државни службеници врз основа на Законска обврска за усогласување со новиот Закон за административни службеници за кои се обезбедени согласности од Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација и Секретаријатот за рамковен договор, најнеспособниоот директор во историјата на катастарот го пријавува како кривично дело за кое денес 11. Октомври државен празник министерството поднесува кривична пријава против мене. Дека се работи за политичка хајка доволно е само да Ве информирам дека денес од вас медиумите дознав за оваа кривична пријава, односно воопшто во изминатиов период министерството за внатрешни работи од мене не побара никакви изјави, документација или појаснувања за предметот кој го воделе, вели Трпески.

Тој во демантот вели дека политичката хајка против него е со цел да се покрие слабата работа на актуелното раководство на македонскиот катастар како и општата пост референдумска состоба во Републиката.

-Во ситуација кога актуелниот директор на катастарот Борис Тунџев спротивно на Законот за администрација унапреди повеќе од 50 раководни службеници, го растури целиот профионален менаџерски тим обучуван од Шведскиот и Холандскиот катастар а кој тим го донесе катастарот да биде најдобар во регионот и 17 во Свет а ИТ сектор комплетно го распушти со што го доведува во прашање Електронскиот катастар а со тоа и сопственоста на граѓаните и хипотеките на Банките, директор кој истовремено е и Судски вештак и го крши како законот за катастар на недвижности, законот за избрани и именувани лица, Законот за спречување на судир на интереси и уште којзнае колку други закони, директор кој спротивно на законот ослободува граѓани и приватни фирми од плаќање на надоместоци на катастар и директно го оштетува буџетот, директор кој распиша тендер во висина од 260.000 евра за Адресен Ресистар со услови што ги исполнува само неговата фирма и фирмите на неговите бизнис партнери а со барање да се собираат податоци за Општина Кисела Вода, податоци кои веќе се собрани и обработени со предходен тендер, како и за уште многу други кривични дела за кое во деновиве што следат ќе поднесам кривични пријави до Јавното обвинителство, СДСМ одлучи да прави политички прогон против лица докажани во својата струка и барани од светски меѓународни организации без ниту еден доказ се со цел да се оттргне вниманието од актуелната политичка ситуација во земјата, вели Трпески.

Трпески вели дека со оглед дека со оваа кривична пријава неосновано се нарушува неговата чест и углед, ќе следува поднесување кривични пријави за сите инволвирани лица, а за оваа политичка хајка ќе бидат запознати и сите меѓународни институции.

Реакцијата на Трпески доаѓа откако одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против него, товарејќи го за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ бидејќи, според нив, донел решенија за унапредување на 128 службеници без спроведување на соодветна законска постапка.

Како што информираат од МВР, Трпески без да достави барање за започнување на постапка за унапредување на административен службеник до организационата единица надлежна за управување со човечки ресурси во Агенцијата, без добиено известување за обезбедени финансиски средства од Министерството за финансии, без објавен интерен оглас на веб-страницата на Агенцијата, како и без постоење на пријави за унапредување со приложени докази за унапредување, без Комисија за селекција за унапредување, без записник за административна селекција, без записник за спроведени интервјуа со најдобро рангирани кандидати и без одлуки за извршен избор, ниту пак објава на истите на веб-страницата на Агенцијата, спротивно на членовите 49, 50, 51 и 52 од Законот за административни службеници, на 29. јули 2016 година донел 128 Решенија за распоредување и определување на плата на државен службеник.

На тој начин, тврдат од МВР, во наредниот период им овозможил да се стекнат со противправна имотна корист од 7.343.131 денари на штета на Буџетот на Република Македонија.

Пријавениот Трпески исто така, постапил спротивно на член 5 од Законот за вработените во јавниот сектор.

Имено, тој без да спроведе транспарентна постапка за унапредување на административни службеници и без да го почитува начелото на еднакви услови и еднаков пристап до работно место, донел решенија со кои било извршено унапредување на вработени во Агенцијата на повисоки работни места од претходните, со што се зголемиле и нивните лични примања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top