понеделник, 22 октомври 2018 | Вести денес: 103 ново

„Опомени“ за Османи и Ахмети за слабата излезност преку СЈО?

Политичката алатка на премиерот и претседател на СДСМ, Специјалното јавно обвинителство, надвор од своите овластувања отвори уште шест нови истраги.

Од информации од СЈО во подготовка пред евентуалниот предизборен период ќе следи објава на уште четири нови истраги.

Со ова се потврдува дека Зоран Заев јасно го “опоменува” коалициониот партнер ДУИ за слабата излезеност на електоратот на референдумот за промена на името.

Имено тоа како опција индиректно го најави и потпретседателот на СДСМ и пратеник, Мухамед Зеќири кој обвини дека поради инертноста на ДУИ и партиската а не референдумска кампања не излегле 60.000 од проектираните 260.000 гласачи, македонци со албанско етничко потекло.

Во предметот на СЈО именуван како “Пациент” вицепремиерот и министер за евроинтеграции на Владата на Заев е директно осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапки по јавни набавки за извршување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ државата.

Во предметот стои:Постои основано сомнение дека во 2010 година четворица од осомничените, Фатмир Авмедовски, Бетим Љамалари, Менсур Ибрахими и Жаклина Чагороска, како одговорни лица – претседател и членови на комисијата за јавни набавки во Министерството за здравство на РМ, при вршење на јавна набавка бр 02/2010 за изведување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ Македонија, поднеле незаконит предлог за избор на најповолна понуда, а осомничениот Бујар Османи, како министер за здравство, наместо да го одбие предлогот на Комисијата, донел решение за избор на најповолна понуда на понудувачот ГБС – Благоевград – Република Бугарија.

На ова се огласи и Османи.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, по повод најновите истраги што ги отвори СЈО, а во кои во едната се споменува и неговото име, во соопштение до јавноста истакнува дека отсекогаш работел според закон и во интерес на сите граѓани на Република Македонија.

-Информацијата за отворената истрага од страна на СЈО, иако уште претходно како шпекулација ја имав слушнато и прочитано во медиумите, сепак претставува изненадување за мене, особено спомнувањето на моето име во контекст на евентуални злоупотреби. Во мојата политичка и воопшто професионална кариера, и како министер за здравство порано, и сега, како вицепремиер, предводник на Секретаријатот за европски прашања, секогаш сум работел според закон, и во интерес на сите граѓани на Република Македонија. – вели Османи во писмената реакција.

Османи вели дека стои на располагање и на СЈО и на друг правосуден орган и оти истрагата ја смета за нормална и коректна.

-Наведената истрага ја сметам за нормална, коректна и професионална обврска на Обвинителството и во таа насока стојам на располагање и на СЈО, и на било кој друг правосуден орган во земјава, за соработка во интерес на идентификување на целосната фактичка состојба. Сакам да потенцирам дека немам што да кријам, напротив, очекувам што е можно побрза и поефикасна истрага, а со цел да се утврди вистината – дека ниту сум влијаел, ниту сум можел да влијаам, а ниту сум можел да бидам запознаен со евентуална злоупотреба, секако, доколку таква постоела – наведува вицепремиерот во писмената реакција до јавноста.

По опомената кон Османи, извесно е дека по неуспехот на уставните измени во едно од четирите нови обвиненија да се најде и предмет само за претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Воедно, Специјалната Јавна обвинителка, Јанева, тендециозно изјави дека од аудио записите останале непреслушани уште 10 отсто, затоа што за нив треба стручен превод, со што индиректно посочи дека се работи за аудио записи во кои најверојатно се говори албански.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top