сабота, 20 октомври 2018 | Вести денес: 5 ново

Филмската и видео програма на МСУ и „Докуфест“

Филмската и видео програма на Музејот на современата уметност – Скопје и Интернационалниот фестивал за документарни и кратки филмови „ДокуФест“ од Призрен, Косово, на 12 и 13 октомври ќе ја претстават заедничката филмска програма “Reality Has to Begin”. Дводневната програма се фокусира на современиот креативен документарен филм, а куратори се Кумјана Новакова и Ветон Нурколари.

Reality Has to Begin ќе започне на 12 октомври (петок) во 20 часот во МСУ со проекцијата на филмот „Се запрашавте ли кој пукаше?“ (Did You Wonder Who Fired the Gun?) на Тревис Вилкерсон (САД / 2017 / 90 мин.), кое претставува есеистичко патување низ политичкиот пејзаж на Америка. Вилкерсон во своите филмови често се фокусира на одамна погребаните истории на општествените движења, додека овојпат комбинирајќи идеи на длабоко интроспективен личен филм со политичкиот есеј филм ја истражува расната дискриминација, личното наследство во рамките на сопственото семејство и Американскиот Југ.

Истата вечер, како видео инсталација ќе биде претставен и „Сонот господари со нејзината куќа“ (Sleep Has Her House) на Скот Барли (ВБ / 2017 / 90 мин.). Преку долгите, статични кадри и комбинацијата од движења и статични фотографии (направени со iPhone), овој филм нуди контемплативни, хипнотизирачки искуства, налик слики што се движат.

Програмата Reality Has to Begin ќе заврши на 13 октомври, со проекцијата на „Викендичка“ (Ljetnikovac) на Дамир Чучиќ (Хрватска / 2018 / 73 мин.) во 12 часот, после која ќе се одржи и разговор со уметничкиот директор на „ДокуФест“ – Ветон Нурколари.

Филмската и видео програма на Музејот на современата уметност – Скопје е посветена на промоцијата на современиот филм.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top