сабота, 20 октомври 2018 | Вести денес: 40 ново

Македонска книжевност на Саемот на книгата во Франкфурт

Саемот на книгата во Франкфурт годинава се реализира во периодот од 10 до 14 октомври, а во фокусот на македонското претставување ќе бидат нашата современа книжевност, можностите за соработка со странските партнери и, секако, сеопфатна промоција на Република Македонија како современа културна и книжевна средина, соопштија од Министерството за култура.
„Оваа година Министерството за култура за првпат се јавува во функција на комесар на националното претставување. Во оваа насока, ефектите од овој модалитет на претставување ќе бидат сумирани по завршувањето на Саемот во Франкфурт и потоа ќе биде утврден начинот на претставување на Република Македонија во иднина.
Преку предвидените активности ќе се настојува да се обезбеди подобар пробив на авторите од Република Македонија и нивното творештво во меѓународен контекст, долгорочно. Република Македонија ќе биде претставена со свој национален штанд на кој ќе бидат презентирани изданија од продукцијата на голем дел од издавачите од државава, монографски изданија за Македонија, за културното наследство што го поседуваме, како и преводи на странски јазици.
Во рамките на претставувањето, на 13 октомври во 12 часот ќе биде одбележено присуството на Република Македонија на овој саем со настан на кој ќе бидат поканети претставници на повеќе земји, автори, издавачи итн. Во рамките на овој настан ќе бидат претставени неколку автори од Република Македонија од различни генерации кои припаѓаат на различни поетики, а е предвидено и претставување на Конкурсот за странски издавачи што го спроведува Министерството за култура веќе петта година.
На Саемот на книгата во Франкфурт ќе присуствува и министерот за култура Асаф Адеми кој ќе оствари средби со Тобијас Вос, директор за меѓународна соработка на Саемот во Франкфурт; Јурген Бос, генерален директор на Саемот во Франкфурт; Антје Конциус, извршен директор на Традуки; Оливер Зиле, директор на Саемот во Лајпциг, како и со претставници на други држави кои го презентираат своето национално творештво на Саемот на книгата во Франкфурт.
Република Македонија оваа година ќе се претстави и на Саемот на книгата во Тирана во ноември, а ќе биде и земја во фокусот на Саемот на книгата во Пула“ информираат од Министерството за култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top