сабота, 20 октомври 2018 | Вести денес: 38 ново

МНТ објави повик за а пријавување на работилницата „Вовед во дизајнот на светлото и креативната комуникација“ со Крис Јегер

Учесниците на работилницата ќе имаат можност по осум часа дневно да присуствуваат на работата при поставувањето на „Галеб“ во Македонскиот народен театар, а на крајот на работниот ден ќе можат да гледаат проба на претставата. Исто така, постои можност неколку учесници да присуствуваат за време на поставувањето, фиксирањето и осветлувањето на театарската сцена за претставата „Галеб“

Македонскиот народен театар (МНТ) објавува отворен повик за учество на петдневната работилница „Вовед во дизајнот на светлото и креативната комуникација“. Работилницата ќе се одржи во просториите на Македонскиот народен театар од 26 до 30 ноември под менторство на британскиот театарски дизајнер на светло, Крис Јегер.

На предавањата ќе бидат опфатени претставите „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов и новата претстава „Галеб“ во режија на Нина Николиќ, за која дизајнот на светлото ќе го подготвува Крис Јагер.

Учесниците на работилницата ќе имаат можност по осум часа дневно да присуствуваат на работата при поставувањето на „Галеб“ во Македонскиот народен театар, а на крајот на работниот ден ќе можат да гледаат проба на претставата. Исто така, постои можност неколку учесници да присуствуваат за време на поставувањето, фиксирањето и осветлувањето на театарската сцена за претставата „Галеб“.

Бројот на учесници, односно бројот на пријавените кандидати е ограничен до 20, а истите треба да имаат високо познавање на театарската уметност, како и професионален ангажман во областа на дизајнот на светло и креативното размислување.

На работилницата може да се пријават и режисери и сценографи, со цел тие подобро да ја разберат улогата на дизајнерот на светло и тимското работење на авторскиот тим, соопштуваат од МНТ.

Котизацијата за работилницата е 3000 ден. (50 евра), а заинтересираните можат да се пријават од 10.10.2018 до 10.11.2018 г. Покрај кратката биографија, во прилог на пријавата треба да се достави и мотивационо писмо од максимум една страница.

Пријавите се доставуваат на: info@mnt.mk. Кандидатите ќе бидат известени за резултатите од конкурсот најдоцна до 15.11.2018 г. Работилницата ќе се одржи на англиски јазик и ќе биде со интернационален карактер.

Кратка биографија на Крис Јегер, светло-дизајнер (Јужен Лондон, 1960)

Дизајнерот на светло Крис Јегер е познат на македонската јавност со работата на претставата „Ничија земја“ адаптирана и поставена на сцената на Македонскиот народен театар во режија на Александар Морфов. Според текстот на Данис Тановиќ, претставата премиерно беше изведена во јуни 2017 година.

Театарскиот дизајнер на светло, Крис Јегер, дипломирал на Лондонската академија за музика и драмска уметност (LAMDA) во 1981 г. Во изминатите триесетина години остварил соработка со многу театри, дизајнирајќи го осветлувањето на огромен број врвни танцувачки, оперски, музички и драмски претстави. Голем дел од неговите продукции гостувале во театрите низ Велика Британија и Европа.

Јегер соработувал со Јон Карамитру во Романија на продукцијата на „Кармен“, верзија на Питер Брук, како дел од настанот „Европски град на културата“ за 2007 г. што се одржа во Сибиу. Во 2009 г. соработува на продукцијата на претставата „Евгениј Онегин“ во Националната опера во Букурешт. По четири години успешно изведување на „Евгениј Онегин“ во Букурешт, во 2013 година истата била пренесена и на сцената на Националната опера на Бугарија во Софија.

Во 2008 г. работел со Александра Бадеа на претставата „69“ на Игор Бауерсима во Народниот театар во Темишвар; на претставата „Сите мои синови“ во Народниот театар во Букурешт во септември 2009 г. и на претставата „Посета“ од Фридрих Диренмат, во режија на Александар Морфов, во ноември 2011 година.

Во периодот ноември-декември 2018 година Крис Јагер ќе работи на дизајнот на светлото на „Галеб“ во режија на Нина Николиќ, новата претстава која се поставува на сцената на Македонскиот народен театар.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top