сабота, 20 октомври 2018 | Вести денес: 38 ново

Претставата „Разговори во четири очи“ ја освои наградата на жирито на фестивалот „Московски ноќи“ во Русија

Претставата „Разговори во четири очи“ на режисерката Нина Николиќ ја освои наградата на жирито за најдобра претстава на 6. Интернационален театарски фестивал „Московски ноќи“, што од 5 до 9 октомври се одржа во Митишчинскиот театар за драма и комедија „Фест“ во Русија. Во жирито на фестивалот учествуваа познати руски театарски критичари и национални уметници, и тоа Елена Шанина, Татјана Тихоновец, Владислава Куприна и Андреј Пронин.

Изведбата на претставата се одржа на 6 октомври во полниот салон на Театарот „Фест“, а македонските актери се вратија со возбуда што ја создаде приемот на претставата кај руската театарска публика.
На фестивалот беа изведени осум претстави, од кои покрај Македонскиот народен театар, учествуваа шест руски и еден театар од Казахстан.

Претставата „Разговори во четири очи“ е копродукција на Македонскиот народен театар и „Скопје филм студио“. Работена е по текст на познатиот филмски и театарски автор Ингмар Бергман. Претставата досега гостуваше на повеќе театарски фестивали во Русија, Словачка, Белорусија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и во Македонија.

Во претставата играат Амернис Нокшиќи – Јовановска, Нина Деан, Петар Арсовски, Дамјан Цветановски, Дарја Ризова, Катина Иванова и Благој Веселинов. Претставата е на редовниот репертоар на Македонскиот народен театар, а македонската публика ќе може да ја гледа на 25 октомври на малата сцена во МНТ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top