сабота, 20 октомври 2018 | Вести денес: 5 ново

„Помалку е повеќе“ – концерт на пијанистката Дуња Иванова

Овој петок, на 12 октомври со почеток во 20 часот, Музејот на Македонија ги отвора вратите за нешто поинакво.

Пијанистката Дуња Иванова, во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“, најавува перформанс во кој ќе доминира минималистичкиот звук за пијано на автори кои за првпат ќе прозвучат на македонско тло. Давид Федел (Австралија), Микаел Сапин (Шпанија) и Бианка Бан (Хрватска), се композитори од средната генерација кои нудат исклучително софистициран звук за пијано.

„Помалку е повеќе“ е насловот на концертот, кој ќе биде проследен со неколку видео проекции, а за слушателите, како што вели Иванова, ќе обезбеди амбиент за „будно сонување“.

Дуња Иванова (1985) магистрира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010), магистрира (2009) и докторира (2015) на катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Со солистичка и камерна концертна дејност се претставува во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Рагуза (Италија), Приштина (Косово); на фестивалите Скопско лето, Охридско лето, Денови на Македонската музика, Музика вива, Филмскиот фестивал Браќа Манаки; Струшки вечери на поезијата; Skopje Street music festival; настапува со оркестарот на Музичката младина на Македонија, во камерни состави и во рамките на балетски претстави. Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото, Мајкл Најман, Тери Рајли, Стив Рајх. Учествува со свои трудови од областа на музичката теорија и практика на трибините на здружението на педагозите по пијано на Македонија ЕПТА, на конференциите на Институтот за истражување и архивирање музика ИРАМ, на научно-стручни собири на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Од 2007 година работи како наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – Скопје. Автор е на книгите ,,Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20-от век“ (2016), „Естетското доживување на музиката“ (2010), на публикациите „Мултиапликативната примена на музиката во образовниот процес кај децата“ (2010) и „Децата и музиката во виртуелната реалност“ (2012).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top