понеделник, 22 октомври 2018 | Вести денес: 103 ново

Ѓорѓи Цинциевски, контрабасист: Македонија ја има најдобрата концертна сала на целиот Балкан

За мене самата помисла да сум задоволен или презадоволен од својата изведба значи дека сум станал мрзелив и сум престанал да се грижам за мојот личен развој како уметник“, вели Цинциевски кој ќе настапи како солист со Македонската филхармонија на концертот „Хармонија мунди“ на 12 октомври

Ѓорѓи Цинциевски, контрабасистот кој ќе настапи како солист со Македонската филхармонија на концертот „Хармонија мунди“ на 12 октомври проговори за настапот на македонската сцена по подолго време, за својот инструмент-контрабасот, инспирацијата, животот во странство и погледот на македонската култура…

Ѓорѓи, по подолго време повторно настапувате на македонската сцена. Какво е чувството да „гостувате“ пред „своја“ публика?

Самото прашање навистина звучи чудно и малку контрадикторно. Во една иста реченица се наоѓаат зборовите „гостувате“ и „пред своја публика“. Но, тоа е вистина. Јас веќе подолго време живеам, работам и гостувам низ цел свет, а сега првпат ќе настапам во Скопје и воопшто во Македонија. Мојот последен настап (ако може да го броиме како настап) беше во средношколските денови 1998-1999 година, или поточно пред скоро 20 години. Затоа немам зборови со кои би можел да ја искажам својата благодарност кон Македонската филхармонија за честа која ми ја укажаа со оваа покана. Се чувствувам среќно, возбудено, поласкано, но и крајно одговорно. Сепак, ќе настапувам поддржуван од колеги кои ги познавам и почитувам како одлични музичари и артисти. Дел од нив се мои некогашни соученици, а дел се и мои некогашни професори во средното музичко училиште. Огромен дел од мојата возбуда се должи и на фактот дека ќе се запознаам и работам со Маестро Табаков. Посебно сум среќен што голем дел од моето пошироко семејство, кое во текот на целата моја кариера ми дава безрезервна поддршка, за првпат ќе има можност да ме слушне како настапувам во живо.

Како што кажавте, ова ќе биде и Ваша прва средба со маестро Емил Табаков, диригент кој и е еден од омилените на македонската музичка јавност. Но, малкумина знаат дека тој е и контрабасист, како и еден од најдобрите бугарски современи композитори во чиј опус спаѓаат и дела за контрабас. Впрочем, на концертот „Хармонија мунди“ ќе го изведете неговиот Концерт за контрабас и оркестар…

Да, со маестро Табаков не се познавам лично и ова ќе биде наша прва средба. Тој за мене претставува своевиден херој, заради целокупниот придонес кој го има во развојот и популаризација на контрабасот како инструмент преку своите дела. Одлично го познавам неговиот опус за контрабас и ги имам отсвирено сите негови композиции, почнувајќи од најпознатите „Motivy“, па се до Соната за соло контрабас, Соната за виола и контрабас.  Дури го имам изведено и неговиот „Ламент за 12 контрабаси“. Единствено го немам отсвирено неговото последно дело „Caprice“ за соло контрабас. Делото е напишано минатата година и беше обврзувачка композиција на еден од најпрестижните натпревари за контрабас „Serger Competition“ во Германија, а јас се надевам дека ќе го отсвирам наскоро. Неговиот Концерт за контрабас и оркестар го изведувам за првпат, а искрено, тоа ми беше огромна желба уште од студентските денови кога за првпат ја слушнав снимката од големиот Енчо Радуканов, а диригиран со маестро Табаков. Оваа соработка со маестро Табаков, а и со Македонската филхармонија, ја гледам како големо достигнување во мојата досегашна кариера. Концертот за контрабас е предизвик за секој контрабасист солист во секоја смисла и навистина ми е чест што имам шанса да го свирам токму со самиот маестро Табаков како диригент.

Често знаат музичките уметници да дебатираат околу тоа дали контрабасот е најтежок инструмент кога се работи за солистички инструмент. Какво е Вашето размислување како контрабасист?

Искрено не би се согласил дека е најтежок, но дефинитивно би рекол дека е најголем предизвик за да се смета како солистички инструмент. Тоа е пред се заради самата природа на инструментот и ниските фреквенции кои ги предизвикува во својот природен регистар, но и фактот дека зборуваме за голем, габаритен инструмент кој остава визуелен впечаток дека е тежок. Често е и мислењето на луѓето дека контрабасот не е интересен за соло настапи, па оттаму и епитетот „најтежок“. Сепак, според мене, ваквото мислење не може да е подалеку од вистината! Од средината на минатиот век, па се до денес, контрабасот доживува своевидна ренесанса во поглед на солистичкиот пристап кон него. Развиени се многу техники за пристап кон контрабасот како солистички инструмент, се повеќе среќаваме соло литература за инструментот, што придонесува контрабасот да биде сместен рамо до рамо со останатите популарни солистички инструменти. Тоа е искрено речено и местото кое овој инструмент го заслужува. Од гледна точка на изведувач, сметам дека тежината при солистичките настапи се должи на потребната физичка подготвеност и кондиција, кои бараат труд, време и трпение за да се достигнат.

Долго време не живеете во Македонија. Како „од страна“ се доживува македонската музичка култура?

Сметам дека е многу неблагодарно да коментирам за македонската култура кога 19 години не живеам тука. Откако почнав да се занимавам со музика, сметам дека Македонија има релативно висока музичка култура, одлични концерти и изведувачи од секој жанр на музиката. Тоа што ме радува е што гледам развој во делот на македонската музичка култура. Постојано гледам нови, прогресивни случувања кои мене како уметник ме мотивираат. Само како пример, Македонија ја има најдобрата концертна сала на целиот Балкан, што за мене е показател за подигната културна свест и инвестирање во иднината на музиката, а кое сметам ќе придонесе за понатамошен развој и нови успеси.

Кој е Вашиот најсилен предизвик во креативна смисла?

Секое ново дело на кое работам ми е доживување и предизвик. Подготовката, изведбата, се е предизвик! Најголемиот предизвик за секој музичар-изведувач, па и за мене, е да се биде медиум преку кој публиката ќе разбере што сакал авторот да каже, а сепак да не се изгуби личниот печат и индивидуалноста при секоја изведба.  Длабоко верувам дека секој изведувач треба да даде дел од себе како изведувач и публиката да може тоа да го почувствува. Едно нешто со кое еве со години се мачам е да научам да бидам задоволен од својата изведба и мислам дека тоа НИКОГАШ нема да се случи – хахахаха! Имам отсвирено многу солистички концерти и секогаш наоѓам нешто за кое сметам дека можело да биде и подобро изведено. Веројатно денот кога ќе сум задоволен од својата изведба и ќе помислам дека се било одлично е денот кога ќе ја завршам својата кариера. За мене самата помисла да сум задоволен или презадоволен од својата изведба значи дека сум станал мрзелив и сум престанал да се грижам за мојот личен развој како уметник.

Кои дела Ве инспирираат, која е музиката којашто ја слушате?

Слушам се од класична музика, или жаргонски кажано „се од Бах до Офенбах“. Меѓутоа, мои двајца омилени композитори се Малер и Бетовен. Омилено музичко дело ми е Деветтата симфонија од Густав Малер. Би можел да ја слушам и уживам секогаш и засекогаш. Ме фасцинираат и делата на Шостакович и Стравински, без оглед колку пати ги имам свирено и слушано. Освен класична музика, музиката што ја слушам и сакам е музиката со која израснав – блуз и рок. Не сум љубител на електронска музика, иако сум свесен дека е тоа тренд и голем дел од денешната младина тоа го слуша и почитува. Се фасцинирам и сакам „ворлд мјузик“ и џез, ама не сум секогаш расположен тоа да слушам.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top