сабота, 20 октомври 2018 | Вести денес: 5 ново

„НетПрес“: Фамозната „Код Секјурити Груп“ работи без дозвола

Фамозната „Код Секјурити Груп“ ДОО Струмица, која е најновата агенција за обезбедување под контрола на СДСМ и во која се директно инволвирани вработени во Шестата управа на МВР, воопшто не е регистрирана во Комората на РМ за приватно обезбедување. Тоа за „НетПрес“ го потврдија од Комората, од каде велат дека од МВР треба да кажат дали евентуално им издале дозвола за работа.

Вработени во МВР и осуденици дел од партиската агенција за обезбедување на СДСМ

„НетПрес“ не доби одговор од МВР на прашањето дали вработени во полицијата кои се дел од обезбедувањето на премиерот Зоран Заев основале агенција за обезбедување во Струмица, а во која како основач се јавува и познат струмички криминалец.

– Ве информираме дека Комората на РМ за приватно обезбедување изврши увид во евиденциите кои ги води согласно Законот за приватно обезбедување, по што е утврдено дека во евиденциите на правни лица на кои им е издадена односно одземена дозволата за обезбедување нема податоци за агенција за обезбедување „Код Секјурити Груп“ ДОО Струмица. Истовремено појаснуваме дека Министерството за внатрешни работи е надлежен орган кој издава дозвола за обезбедување, така што во даденава прилика цениме дека е неопходно да сеобратите до МВР за да утврдите дали евентуално МВР има издадено дозвола, а сеуште до Комората ги нема доставено податоците – изјавија од Комората.

Според Законот за приватното обезбедување, дозвола за работа на агенциите им издава МВР, а сите правни лица кои дејноста приватно обезбедување ја вршат во вид на давање на услуги се здружуваат во Комората заради заштита и унапредување на стручноста, професионалноста и деловноста и заради заштита на професијата.

„НетПрес“ уште пред девет дена побара одговор од министерството дали Александар Трајков, познат во јавноста како телохранителот на Заев кој го придружуваше и пред да стане премиер, потоа Николчо Колев и Стево Трајков, и двајцата исто така обезбедување на претседателот на СДСМ се вработени во полицијата.
Алексндар Трајков, неофицијално, не е повеќе вработен во МВР, но не е познато дали бил кога била основана агенцијата во јули годинава. Освен овие три лица, како основачи на агенцијата се јавуваа и струмичанецот Лазо Котуровиќ- Д’лгиот, своевремено дел од личното обезбедување на Заев и седум пати осудуван за различни кривични дела.

Не е јасно како вработени во полицијата, основале агенција за обезбедување, бидејќи тоа е спротивно на Правилникот за работење на работите и дејностите што се во судир со полициските работи.

Од фотографиите објавени на социјалната мрежа „Фејсбук“, кои за кратко време потоа беа избришани од лицето кои ги објави, јасно се гледаат основачите во работни униформи, односно маички на „Код секјурити груп“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top