петок, 19 октомври 2018 | Вести денес: 20 ново

Нема крај: Владата денеска ги задолжи граѓаните за нови 45 милиони евра

Капитални инвестиции нема, а Владата продолжува редовно да се задолжува на домашниот пазар. Министерството за финансии денеска одржа аукција на хартии од вредност со која планираше да повлече нови 1,95 милијарди денари односно околу 32 милиони евра, но на аукцијата беше повлечена драстично поголема сума.

Денеска беа продадени државни овбрзници и записи во вредност од 2.770.000.000 денари односно 45 милиони евра.

Претходно беше најавено дека владата ќе повлече 1,95 милијарди денари односно околу 32 милиони евра.

Интересното во случајов е што за прв пат во проспектот и известувањето бројот на аукцијата и ISIN кодот на 12 месечната обврзница се идентични меѓутоа е променета сумата која ја побарува Министерството за финансии.

Така вредноста на записот е променета од 1.600.000.000 денари на 2.420.000.000, што е разлика од 820 милиони денари односно околу 13.5 милиони евра.

Министерството за финансии пред десетина дена одржа аукција на хартии од вредност со која повлече 3,5 милијарди денари односно околу 57 милиони евра.

Владата на почетокот на оваа година се задолжи со еврообврзница од половина милијарда евра за која само по основ на камати треба да се платат 96 милиони евра.

Истовремено расте и јавниот долг. Вкупниот јавен долг на Македонија на крајот на вториот квартал од 2018 година изнесува 48,8% од БДП, што претставува зголемување за 0,6 п.п. во однос на претходниот квартал, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

-Промената во најголем дел произлегува од зголемувањето кај надворешниот долг (од 33,0% на 33,4% од БДП), при раст и на внатрешниот долг (од 15,2% на 15,4% од БДП). Вкупниот државен долг и долгот на јавните претпријатија (за кој државата има издадено државна гаранција) во вториот квартал се зголемија за 0,3 п.п. и 0,2 п.п. од БДП, соодветно – соопштија од НБРМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top