понеделник, 22 октомври 2018 | Вести денес: 103 ново

Сарај, Липково и Арачиново се нови членки на НАТО, општина Центар ќе го гушка седиштето на Алијансата

Општините Сарај, Липково и Арачиново добија покана за членство во НАТО кое се очекува да им биде верификувано на првиот состанок на алијансата на средината на октомври.

Портпаролот на НАТО Клаус Јенсен изјави дека ова е првиот чекор кон целосно членство на Македонија во НАТО, и дека Алијансата од денес е посилна за воено-одбранбените капацитети на овие прогресивни македонски општини кои беа единствените во кои цензусот надмина 50% на референдумот за промена на името. Во Сарај беше 67%, Липково имаше 54%, Арачиново 50%. На четвртото место во Македонија беше општината Центар со 47% излезност.

„Сарај, Липково и Арачиново се докажани центри на воено-одбранбената сила во Македонија, како и локации на кои и пред 20-тина години се одржувале активности во кои учествувале силите блиски на НАТО. Така што цензусот кој вчера беше исполнет само во овие општини е уште еден доказ дека силната определба на овие граѓани за НАТО е недвосмислена, и токму затоа решивме да им упатиме покана со што ќе се првите делови од Македонија кои влегуваат во НАТО“, додаде Јенсен.

Според него, овој тренд ќе го следат и други општини.

„Имаше многу реакции од четврторангираната општина на референдумот, Општината Центар, која се најде во ова елитно друштво но за жал со 47% на излезност не може веднаш да ја примиме во НАТО алијансата. Тие вложија протест и барање да докажат дека се подготвени, но мора да си признаеме, не се на рангот на Сарај, Липково и Арачиново. Сепак, во план е да се изведе една акција за да ја докажат својата спремност, да дојдат во Брисел и да ја гушнат зградата на НАТО, па ако успеат тоа да го направат, мислам дека и нив ќе ги примиме во првата четворка општини од Македонија кои се полноправни членки на НАТО“, вели портпаролот на оваа организација.

Ајварка Пиперка

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top