недела, 18 ноември 2018 | Вести денес: 0 ново

Аница Добра-ѕвездата на фестивалот „Киненова“, доаѓа во Скопје

„Покондирана тиква“, „Веќе видено“, „Собирен центар“, „Балкан експрес“, „Како пропадна рокенролот“, „Црниот бомбардер“…и уште многу други филмови имаат една заедничка нишка – актерката Аница Добра. Последниве години оваа српска филмска и театарска актерка, која често се појавува во германски филмови не е многу присутна во јавноста, но овојпат таа доаѓа во Македонија, како гостинка на фестивалот „Киненова“, каде е ѕвезда на фестивалот кој и доделува специјална награда.

Добра дебитираше во краткометражниот филм „Пера Панкер“, за филмот „Веќе видено“ во 1987 година на фестивалот во Пула доби награда, подоцна во „Балкан експрес“ уште еднаш ја потврди својата актерска способност и како пејачката во филмот, а во меѓувреме настапуваше во Атеље 212 и во театарот „Звездара“.

Во Скопје доаѓа на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ за да ја прими наградата за особен придонес во светската филмска уметност.

Играте во многу култни филмови со кои растеше и се развиваше публиката од овие простори. Како го доживувате тоа што една цела една генерација млади се идентификуваше со „Црни бомбардер“? Дали тоа ви значи?

-Една од моите најважни работи при создавањето на филмот „Црниот бомбардер“ е таа што нас глумците ( Драган Бјелогрлиќ и мене ), режисерот Дарко Бајиќ не поттикна да учествуваме во разработка на сценариото, не натера да мечтаеме и смислуваме нови сцени, а потоа ни поверува  целосно дека такви изменети може да ги снимаме. Можеби тој дух, зачинет со добриот рокенрол на „Електричен оргазам“ и „Влада Дивљан“, некако генерациски беше препознаен и направи тој филм да биде гледан и слушан долги години.

“Црни бомбардер“ е веројатно една реална слика на Белград и на целата земја во тоа мрачно и исклучително нестабилно време во Србија, но и во регионот. Пишуван е и сниман за време на распадот на нашата поранешна заедничка земја и ужасната граѓанска војна.Колку лично ја доживеавте вашата улога во филмот?

-Значи, филмот не е сниман за време на распадот на Југославија, туку тоа сценарио го предвиде распадот две години порано, кога сценариото е пишувано. Многу е веројатно дека нашите души почувствувале нешто што умовите во тоа време не можеле, или едноставно не знаеле да го видат или препознаат.

Какво место зазема театарот во вашиот живот? Активни сте и во оваа уметност. Имате ли некоја улога која би ја издвоиле и која силно посакувате да ја играте на театарската сцена?

-Театарот за мене е неодвоив од филмот. Сметам дека тоа е почеток на се, привилегија, некаков добар тренинг и вовед во магијата која може да ја има филмот. Тоа е наше место на кое ние, глумците, може да му се навратиме кога нема филмови, нема филмски улоги или нема финансии истите да се реализираат. Улогите секогаш некако самите го наоѓаат глумецот, не обратно. Така што никогаш се немам оптеретувано со потенцијалните улоги, туку се радував на оние кои ми беа на мене наменети. Моментално повеќе сум посветена на театарот и во паузите некако успевам да вклопам и по некој снимачки ден.

Кога би добиле улога во македонски филм дали би ја прифатиле? Има ли македонски режисери или актери со кои би сакале да соработувате?

-Како што реков на почетокот, филмот е привилегија и скапа играчка. Дури и кога е нискобуџетен, филмот е скап. Тоа треба да се знае и да се цени. Но, повеќе од тоа ја ценам добрата идеја, која денес е најбарана и најплатена затоа што е ретка. А исто така најмногу верувам дека таа добра идеја е возможно да се роди  во средина која е полна со живот, превирања, спротивности, проблеми, убавина и големи емоции – во Македонија. Сум имала прилики да работам и соработувам со македонски уметници и благодарна сум им на секоја животна лекција. Им благодарам на тоа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top