петок, 19 октомври 2018 | Вести денес: 20 ново

Изложба посветена на „Мис Стон“ во битолскиот културен центар „Магаза“

Во рамки на ИФФК „Браќа Манаки“, Кинотека на Македонија, синоќа, во битолскиот културен центар „Магаза“ ја отвори изложбата и ги започна филмските проекции со кои се одбележува 60- годишнината од премиерата на македонскиот игран филм „Мис Стон“ под насловот „Мис Стон: Некаде помеѓу Елен и Автономија“ изложени се фотографии, документи, преписки, сценарија, прес-клипинзи, книги на снимање, сценографски скици, пропаганден материјал и друга архивска граѓа. По повод јубилејот, пред македонската јавност и филмската публика е презентиран значаен дел од сочуваните материјали кои денес се дел од збирката на пишувана документација на архивот на Кинотеката на Македонија. Своевремено, „Мис Стон“ бил меѓу најскапите и најамбициозни југословенски продукции, прв македонски филм во боја, но и во тоталскоп техника.

-Филмот „Мис Стон“ почнал да се снима во 1958 година и неговото снимање не поминало така лесно, тоа бил голем проект и сето тоа може да се види низ овие 20 изложени паноа, каде се гледа целата историја на „Мис Стон“. Можеслободно да се нарече филм зад филмот. Филмот живее многу богат живот до 1962-та година до поплавата што го погоди Скопје и голем дел од материјалите во „Вардар филм“ се уништени и тука запрела меѓународната дистрибуција на филмот. Сепак, Кинотека има изработено заштитна копија од повеќе различни копии. Се надевам дека набрзо ќе направиме и дигитална реставрација со која ќе го вратиме филмот во живот, рече Владимир Ангелов, директорот на Кинотека на Македонија.

Тој најави дека филмот ќе се прикаже на Деновите на македонски филм во Загреб, од 3 октомври, во култното кино „Тушканац“, каде ќе биде поставена и изложбата.

Директорката на ИФФК „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска рече дека со радост ја прифатила неговата идеја да се постави оваа изложба за време на фестивалот, бидејќи со директорот Ангелов споделуваат слични ставови за она што значи зачувување на филмот и македонската кинематографија.

-Кинотеката на Македонија е наш партенер заедно со Агенцијата за филм, Општината Битола, Завод и музеи Битола, Центарот за култура и Народниот театар во Битола и сите тие имаат свој влог во зачувувањето на македонската култура и филм. Ова е еден од тие драгоцени настани. Кинотеката на Македонија е една ретките институции, која и покрај тоа што се соочува со недостиг на средства, се потруди оваа изложба да изгледа навистина достоинствено, рече Теодосиевска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top