четврток, 15 ноември 2018 | Вести денес: 103 ново

Новата сезона во МНТ се отвора со „Еден месец на село“ во режија на Паоло Маџели

Новата сезона во Македонскиот народен театар (МНТ) се отвора со премиера на претставата „Еден месец на село“ од Иван Сергеевич Тургењев, а во режија на светски познатиот режисер Италијанецит Паоло Маџели. Премиерата е в сабота, на 29 септември, во 2о часот, на големата сцена на МНТ. Претставата трае 140 минути, со една пауза.

„Еден месец на село“ досега не бил поставен на ниту една театарска сцена во Македонија, а делото не било преведено на македонски јазик. Преводот за претставата го направи актерката на Драмски театар Катерина Коцевска која е дел од актерската игра. Музиката за претставата која ќе се изведува во живо од страна на актерите е на Љупчо Константинов, кој со Маџели се познаваат многу години.

Покрај Коцевска, во актерската екипа се: Ѓорѓи Јолевски, Сашка Димитровска, Дарја Ризова, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Ристановски, Стефан Спасов, Нино Леви, Сашко Коцев, Дамјан Цветановски и Ана Стојановска. Сценограф е Лоренцо Банчи, а костимограф Мануела Паладин. Во претставта играат и три деца, кои не се актери.

На девети октомври се навршуваат 200 години од раѓањето на Тургењев, па така премиерата на „Еден месец на село“ се совпаѓа и со одбележувањето на овој значаен јубилеј.

Оваа комично-тажна руска приказна првпат е изведена во 1872 година, а на македонската сцена ја поставува Маџели кој со Драмски и МНТ соработувал пред повеќе од 30 години. Новата премиера со екипата актери на МНТ ја подготвуваше од март.

На прес-конференција Маџели рече дека значењето на „Еден месец на село“ е во тоа што, заедно со „Војцех“ на Георг Бихнер, е дело што и става крај на романтичарско-натуралистичката визија на светот во литературата и ги поставува темелите на она што денес го препознаваме како експресионизам. Затоа, рече Маџели, тоа се смета за капитално дело на 19 век.

За Маџели,  Тургењев, е еден од најголемите руски интелектуалци, често нарекуван и „револуционер со перо в рака“, прв руски писател преведен на Запад во огромен тираж. Она што со што го привлекол вниманието е „Приказна на еден ловец“ во кое го демаскирал руското општество, а тоа го „платил“ со домашен притвор од една година. Токму на тоа мирно место, на еден имот, Тургењев ја напишал „Еден месец на село“. Потекнувал од богато семејство, живеел во Германија, Франција и Италија и, рече Маџели, им помогнал на Достоевски и Толстој да ги платат коцкарските долгови.

– Тургењев не се борел само за друго општество, туку и за друга естетика. Него не го интересирал толку театарот, колку пишувањето на поинаков начин.  Тоа е човекот кој ги „убил“ романтизмот и натурализмот и вовел еден понапреден веризам, а поимот нихилизам во филозофијата се поврзува со Тургењев. Како што рекол Достоевски – бил многу убав, многу интелигентен, многу надарен, многу богат и многу арогантен. Значи, имал се што еден писател во тоа време требало да има – рече италијанскиот режисер.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top