недела, 18 ноември 2018 | Вести денес: 0 ново

Виктор Илиески, директор на Македонската филхармонија: Имам конкретна стратегија за развој!

Ангажирање на најдобри музичари во оркестарот, обезбедување финансиски можности за ангажирање на врвни светски артисти (солисти и диригенти) и организирање на големи турнеи кои ќе стават печат во работењето, вели Виктор Илиески

Виктор Илиески, тромбонист од оркестарот на Македонската филхармонија, неодамна беше назначен за директор на институцијата. Роден е во 1979 година, дипломира на отсекот за тромбон во 2002, а магистрира во 2005 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на Ѓорги Стефановски. Добитник е на повеќе републички и меѓународни натпревари: Прва меѓународна награда и Прва специјална награда во Нови Сад 1997/98 год.; Прва специјална државна награда како член на лимен дувачки квинтет (2003); Прва специјална парична награда во натпреварување на сите лимени дувачи на ФМУ, организирано во Македонија од Yamaha Music Foundation of Europe (2003).

Најголем успех Илиески остварува како дел од No Borders Orchestra, во кој членуваат најдобрите музичари од поранешните југословенски републики. Со овој оркестар имаа снимено компакт диск за најпрестижната дискографска компанија Deutsche Grammophon. Носачот на звук е снимен во салата на Словенската филхармонија во 2013 година, а во 2014 е формиран камерниот состав на No Borders Orchestra, составен од 12 инструменталисти, со кој Илиески остварува светска турнеја.

На чело на првата национална музичка институција во земјава, Илиески дојде минатата година во август, извршувајќи ја досега функцијата в.д. директор. За време од една година, Илиески оствари резултати во работата на Македонската филхармонија, а неговата визија е оваа институција да продолжи да ја негува музичката култура. За визиите пред почетокот на новата сезона поразговаравме со Илиевски.

Новата сезона ја почнувате со концертот „Ново утро“ со настап на врвни музички имиња. Што следно ќе и понудите на публиката во текот на сезоната?

-Да, на 27 септември во 20 часот, ќе се случи свеченото отворање под наслов „Ново утро“, што подразбира и пат во нови музички предизвици. На првиот концерт како солист ќе настапи лауреатот на престижниот „Чајковски“, францускиот пијанист Лука Дебарг, еден од најбараните пијанисти на класичната музичка сцена. И во новата музичка година ветуваме врвни, извонредни солисти и диригенти од светската музичка сцена, најавуваме интересна, атрактивна, комплексна и премиерна програма, најавуваме настани кои ќе бидат незаборавни. Од останатите концерти во новата концертна сезона сакам да го издвојам веќе следниот концерт по отворањето, кој ќе се одржи на 12 октомври под наслов „Хармонија мунди“, а кога под диригентската палка на маестро Емил Табаков ќе биде изведено грандиозното дело „Планети“ од Холст, дело кое кај нас ќе доживее и специјална визуелизација. Ја издвојувам и изведбата на Бетовеновата Деветта со маестро Густав Кун од Австрија и фантастични солисти и хор, како еден од грандиозните проекти. Всушност, Македонската филхармонија секоја година ќе поставува по едно капитално вокално-инструментално дело, а годинава покрај Бетовеновата Деветта, ќе го изведеме и фантастичниот Вердиев „Реквием“. Ќе го имаме и настанот „Музика на платно“ кој ќе донесе филмска проекција со музичка изведба во живо од страна на оркестарот, што е уште еден импресивен настан. Мошне значајни ќе бидат и концертите на кои ќе настапат врвните Даниел Милер Шот на виолончело, кој веќе гостуваше во Скопје и направи незаборавен концерт, потоа магичниот руски виолинист Вадим Репин, врвниот тромбонист Џозеф Алези, концертот на атрактивното и виртуозно дуо кларинети Гурфинкел кои ќе настапат на Гала-новогодишниот концерт, интересната Луси Хорш на барокна флејта, се разбира, големиот руски пијанист, еден од најдобрите денес, Борис Березовски, кој во иста вечер ќе изведе два концерти за пијано од Шостакович и Прокофјев, и кој ќе одржи и еден камерен концерт, концертот на уште еден врвен руски пијанист, Андреј Гугнин, со Концерт за пијано од Лист. На сцената ќе застанат уште тројца извонредни виолинисти – Бенџамин Шмид од Австрија, Сојанг Ју од Кореја и Баиба Скриде од Латвија… Нема да изостанат и традиционалните концерти на Македонската филхармонија, настапот на манифестацијата „Денови на македонска музика“, концертите „Звукот на идната генерација“ и „Младите доаѓаат“ посветени на младите музички уметници, концертот во Градскиот парк „Филхармонија на отворено“, како и концертот по повод Денот на вљубените кој оваа година е наречен „Моја љубов“. Се разбира, и оваа година, покрај делата од класичната литература и современи, премиерни дела, програмата ќе биде збогатена со композиции од македонски автори, а на подиумот со Македонската филхармонија ќе застанат и фантастични македонски солисти, меѓу нив и Ѓорѓи Цинциевски на контрабас, Нина Костова- Јаневска на пијано, Милан Силјанов како вокален солист, како и нашите диригенти Борјан Цанев, Сашо Татарчевски, а првпат со Филхармонија ќе диригира Виктор Митревски, кој доаѓа од школата од Виена. Ќе бидат изведени и македонски дела од автори како Сони Петровски, Владимир Николов, Љубомир Бранѓолица…

Македонската филхармонија по концертот во Градскиот парк во Скопје, гостуваше во Белград со Феми Кути, а концертот беше оценет како настан што ќе се памети. На „Охридско лето“, Македонската филхармонија настапи со Хуан Аткинс, претходно тоа го направи и со Дерик Меј. Ова се покажа како добра комбинација и спој на музички жанрови и аранжмани…Дали планирате и во иднина ваква соработка со други музичари и доколку има може ли да ни откриете со кои?

-Како институција ги следиме светските трендови. Успешните концерти со Дерик, Хуан и последниот голем проект со Феми Кути кој го повторивме и во Белград, ни дава за право да размислуваме, планираме, организираме настани со кои нашата публика и покрај нашата стандардна програма ќе добива посебни проекти. Со тимот од Градот Скопје, започнавме преговори за идната заедничка соработка за голем концерт.

Кога сме веќе кај успешните настапи, со овации и аплаузи беше проследен настапот на Македонската филхармонија и во Казахстан. Како прв човек на оваа институција, какво е чувството кога постојано се нижат успешни настапи?

-Да бидам искрен, со моето доаѓање на чело на институцијата настојував да имаме меѓународно претставување, но не очекував дека во 4 месеци ќе имаме 3 турнеи (Казахстан,Шпанија,Кина) и едно гостување во Белград. Горд сум што успеавме да организираме турнеја во Казахстан со Камерниот оркестар со сопствени сили и со поддршка на спонзори, а притоа претставувањата беа одлични. Нашите филхармоничари успејаа да ги соберат симпатиите од казахстанската публика и од целиот дипломатски кор во Алмати и Астана. Сите уживаа и во македонската музика, како дел од нашата програма.

Исто така, гостувањето во Белград беше успешно. На концертот на отворено на Калемегдан присуствуваше над 20 илјадна публика, која со овации ги проследи нашите уметници заедно со Феми Кути и неговиот бенд. Пред се’ како музичар, ќе потенцирам дека овие турнеи и концерти ќе имаат свој печат во континуираниот развојот на Филхармонијата кој се гради со децении.

Неодамна и официјално бевте именувани за прв човек на Филхармонија. Беше ли за Вас предизвик да бидете на оваа функција и какви се вашите планови за работа на институцијата?

-Уште со назначувањето за вршител на должност директор на институцијата во која сум дел од оркестарот 18 години, огромен беше предизвикот. Нова сала, големи можности и светла иднина за Филхармонијата. Имам зацртано конкретна стратегија за континуиран развој на институцијата. Досредување и заокружување на сите технички работи во објектот, да биде се’ беспрекорно, екипирање на сите одделенија и сектори од институцијата. Ангажирање на најдобри музичари во оркестарот, обезбедување финансиски можности за ангажирање на врвни светски артисти (солисти и диригенти) и организирање на големи турнеи кои ќе стават печат во работењето. Презадоволен сум и од соработката и партнерството со компании и од приватниот сектор со што имаме поголеми можности за функционирање.

Дали ќе продолжи праксата на настап на Филхармонија во Градскиот парк, како што тоа беше случај годинава со музика на „Квин“?

-Во јуни во 2019 година во Парк ќе и дадеме прекрасен подарок на пубиката, кој ќе го откриеме следната година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top