среда, 17 октомври 2018 | Вести денес: 1 ново

Почина Ѓоре Цанев од кого учевме за астромонијата

Долгогодишниот предавач и менаџер на Планетариумот при Младинскиот културен центар во Скопје Ѓоре Ценев денеска ненадејно почина.

Ценев дипломирал физика, насока инженерство на Институтот по физика при Природно математичкиот факултет во Скопје 1979-та година. 1980-та година се вработува како менаџер и предавач во Планетариумот во Скопје, единствената установа од таков вид во нашата држава, каде што секоја година поминуваат генерации и генерации на ученици од основните и средните училишта.

Ѓоре Ценев почнува со истражувачка дејност во 1982-ра година, на полето на културна астрономија (етно-астрономија, архео-астрономија). Во соработка со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, ги почнува истражувањата на полето етно-астрономија во Република Македонија. Овие истражувања во континуитет траат 22 години.

Како резултат на овие истражувања Ценев ја издава книгата „Небото над Македонија“ во 2004-та година. Исто така резултатите од овие истражувања беа неформално презентирани на 7-мата конференција на комитетот на нематеријални културни добра при УНЕСКО во Париз во 2012-та година. Во тек е и процедурата за впишување на ова нематеријално културно добро во локалниот регистер на нематеријално културно наследство на Република Македонија.

Почнувајки од 2002-ра година Ценев работи на полето на архео-астрономијата каде што во соработка со археолошкиот музеј од Куманово учествува во архео-астрономската анализа на археолошкиот локалитет „Кокино“ при што докажа постоење на древна астрономска опсерваторија. Истражувањата беа презентирани на повеќе научни конференции во светот и денес „Кокино“ е една од најпознатите древни опсерватории во светот. Во 2006-та година тоа го потврди и НАСА, набројувајќи го локалитетот „Кокино“ во листата на древни опсерватории во светот.

Основач е и активен учесник во работењето на Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво, Македонското истражувачко друштво…

Ценев беше главен и одговорен уредник на научно-популарното списание „Вселена“. Автор е на учебник по астрономија и книгите „Ancient secrets of Kokino observatory”, “Earth Today”, како и бројни текстови и научни трудови во домашни и светски списанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top