четврток, 18 октомври 2018 | Вести денес: 0 ново

Димитров ја откри Америка во Делчево: На 1 октомври нема да тече мед и млеко, ќе почекаме за влез во ЕУ

По 27 години Македонија најде решение со соседна Грција со кое се изборивме за својот идентитет и затоа е жално после 27 години да чекаме уште, рече министерот Никола Димитров во Делчево.

– Прв пат по 27 години најдовме решение. Полека, средба по средба дојдовме до решение со кое ние се нарекуваме Македонци. Прв пат имаме шанса со чист идентитет и со официјален јазик да влеземе во НАТО и ЕУ. Жално е 27 години при своја држава да чекаме уште, а ние додека чекавме нешто да ни се случи земјите не претекнуваат, а младите среќата ја бараа надвор. Затоа велам ако ова успеавме да го решиме, тогаш се можеме да направиме, истакна Димитров пред делчевчани.

Придавката Северна, додава тој, кажува дека нашиот дел е еден дел од Македонија.

– Факт е дека Македонија е дел и од Грција и од Бугарија, а ние сме оној северниот дел. Додека младите се тука должноста на нашата генерација е да ја исправиме Македонија на прав пат и затоа во недела никој да нема никаков сомнеж околу своето ЗА референдумот, порача Димитров.

Тој се осврна и на процесите кои ќе следуваат како што рече по успешниот референдум.

– На 1 октомври нема да тече мед и млеко, ама чекорот е во вистина насока и секој чекор почнува со првиот чекор. За една година ќе ја видиме разликата. Процесот ќе заврши до крајот на годинава, во 2019 ќе влеземе во НАТО. ЗА ЕУ ќе потрае подолго, ама самиот процес е поважен од целта. Тие години додека го минуваме процесот за влез во ЕУ ќе бидат најважни, тогаш ЕУ ќе не стави под лупа дали имаме чесни политичари, судии, медиуми. Тие години ни требаат оти ако влеземе во ЕУ утре ќе истанеме истата држава. Ова ќе го правиме со многу голема помош на Европа која вложува многу повеќе пари за време на тој процес, дециден беше Димитров пред делчевци.

Затоа, додаде тој, на 30 септември ќе биде празник на иднината, на одговорноста и храброста со што нашата генерација ќе го оствари заветот на нашите татковци.

– Јас ќе се дотерам и ќе одам насмеан и ќе гласам со гордост и чиста совест ЗА европска Македонија, порача на крај од својот говор во Делчево, министерот Никола Димитров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top