четврток, 18 октомври 2018 | Вести денес: 0 ново

Иванов: На 30 септември нема да излезам да гласам (ВИДЕО)

Претседателот на Р.Македонија Ѓорге Иванов, кој е во посета на Соединетите Американски Држави, каде што в четврток треба да одржи говор пред Генералното Собрание на Обединетите нации, рано утринава по македонско време учествуваше на гала-вечера организирана од македонската дијаспора во Детроит.

Пред присутните на гала-вечерата во организација на Обединетата македонска дијаспора Иванов одржа говор, во кој истакна дека тој веќе еднаш излегол на референум, и тоа на 8 септември пред 27 години. Додаде дека тој тогаш гласал за самостојна, суверена и независна Р.Македонија и е горд на таа одлука.

-Што се однесува до мене, јас веќе гласав пред 27 години. Гласав на 8 септември 1991 година. Не отстапувам од мојата одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам, рече претседателот Иванов, додавајќи дека два пати ја добил довербата од народот со цел да не дозволи промена на Уставот со цел промена на уставното име и да не прифати идеи и предлози кои го загрозуваат македонскиот национален идентитет, и тоа нема намера и да го направи!

Иванов порачал дека во согласност со Уставот на Република Македонија, сувереноста извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

– Немојте да дозволите некој тоа право да ви го одземе, немојте да дозволите некој да ве десуверенизира. Не дозволувајте некој друг да ви ја контролира вашата свест и вашата национална гордост, истакнал македонскиот претседател.

Како што стои во соопштението, Иванов потенцирал дека прашањето за името и идентитетот е постаро и поскапо од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател, од секој поединечен интерес.

– Имајќи го сево ова предвид, навел, јас ја донесов мојата одлука. Верувам и убеден сум дека и граѓаните на Република Македонија на 30 септември ќе донесат исправна и мудра одлука.

Тој се заблагодарил за сета досегашна поддршка од дијаспората и изразил верување дека и во овој период на предизвици дијаспората ќе ја искористи секоја можност за да и помогне на Македонија.

Иванов во обраќањето го реафирмирал својот став дека спогодбата со Грција е штетна и поразителна за Република Македонија и оти решението што им се нуди на македонските граѓани на референдум е донесено без национален консензус, спротивно на досега изградените државни позиции и без негово знаење и согласност.

– Со оваа спогодба не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име, со нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет, рекол претседателот.

Тој додал дека без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и НАТО.

– И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам, рекол претседателот и потенцирал дека „отсекогаш се залагал за исполнување на стратешките цели на Република Македонија, но и за решение кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ и нема да биде на штета на македонските национални интереси”.

На Гала вечерта во организација на Обединетата Македонска Дијаспора на која присуствувале и конгресмените на САД, Пол Мичел и Деби Дингел, на претседателот Иванов му е доделено највисокото признание „Глобален државник“.

Претседателот на Република Македонија престојува во работна посета на САД по повод учеството на 73. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top