четврток, 18 октомври 2018 | Вести денес: 0 ново

Шах-мат од Макрон за Владата и Заев: На референдумот гласате за Северна, а не за европска (ВИДЕО)

Остана ли ронка разум на Илинденска 2? Го слушна ли некој во Владата Макрон што ѝ порачува на македонската јавност? Пораките на францускиот претседател Емануел Макрон ги содржат сите панични стравови на власта која грчевито се обидува, макар и низ иглени уши, со сесрдна поддршка на меѓународната заедница, да го протурка тросмислениот референдум за самоукинување.

И додека високи и највисоки претставници од цела Европа и половина Америка се изредија, дојдоа, не посетија, ни праќаа абери и ишарети со кои не повикуваат да излеземе на референдум, па макар и гласале ПРОТИВ, но само да излеземе за да се постигне цензус, додека ни се закануваат отворено со Северна Кореја, како Тимоние, или со изолација како Хан, францускиот претседател избра да зборува за третиот дел од референдумското прашање – оној кој никој досега не го спомна, а најмалку власта – референдумот е за Северна, а не за европска Македонија.

Обраќањето на Макрон преку видеопорака го најави заменик-министеротза надворешни работи Андреј Жерновски пред 8 Септември и иако сите медиуми најавија дека пораката ќе биде емитувана на прославата на Денот на незавиноста, Владата ниту потврди ниту демантира, па се тактизираше се до денеска. Како и да е, го слушнавме Макрон, кој заедно со холандскиот премиер Марк Руте е најгласен противник на проширувањето на ЕУ, но дали Владата мисли дека џокерот ќе ѝ заврши работа?

Македонската влада очекуваше дека видеообраќањето на францускиот претседател Емануел Макрон ќе ѝ помогне да ги убеди не само да излезат на гласање, ами и да гласаат ЗА референдумот на 30 септември, но тој во обраќањето воопшто не споменува дека со договорот се приближуваме до членство во ЕУ, туку го кажа тоа што власта повеќе или помалку умешно го заобиколува во кампањата која манипулативно ја води ЗА европска Македонија, дека со успешен референдум и со ратификување на договорот со Грција всушност гласаме ЗА Северна Македонија.

„Знам дека ниеден договор не е совршен. Знам дека за едните истиот не е доволно долгорочен, а за другите дека поинаку би го испреговарале. Ги слушам сите критики кои се кажани. До пред неколку месеци никој не се надеваше на овој договор. Но, на овој договор се чека веќе 27 години. Овој договор се постигна поради храброста на Вашите и на грчките лидери. Затоа јас го поддржувам. Потполно! Силно!“, вели Макрон.

Претседателот Макрон вели дека тој лично е „за“ и дека смета на вистинската одлука на нашите гласачи.

„Вие треба да изберете и да се одлучите дали сте за промена на Уставот или не, за спогодбата да стане важечка. Да станете Северна Македонија, во согласност со спогодбата. Јас одлучно сум ЗА и цврсто верувам дека овој договор е добар! За вас, за целиот регион и за Европа. Сметам на Вас!“, вели францускиот претседател.

Макрон апла вели не нè сакаат во ЕУ, на Заев му е смешно (ВИДЕО)

 

Францускиот претседател можеби е последниот политичар кој треба да биде дел од камањата на СДСМ во форма во која сака да го протурка референдумот, зашто тој силно се противи на проширувањето на ЕУ, иако Македонија е далеку од отворените порти на европскиот дом. Оваа информација не би требало да ја изненадува владата, а уште помалку Заев, кому Макрон лично му го соопти својот став и кој се надеваше дека ќе омекне срцето на Макрон. Епа, во политиката, срца не мекнеат.

Заев: Се надевам дека ќе омекне и срцето на Макрон

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top