среда, 17 октомври 2018 | Вести денес: 0 ново

Почнува 39. ИФФК “Браќа Манаки“: Се подготвува црвениот тепих

Битола е подготвена за вечерашното отворање на 39-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Денеска се подготвуваше и црвениот тепих по кој вечерва ќе поминат голем број филмаџии, видни домашни и интернационални гости, но и ѕвездите на годинешното издание – легендарната Клаудија Кардинале, добитник на специјалната награда „Златна камера 300“, како и оскаровецот Роџер Дикинс кому ќе му биде врачена „Златната камера 300“ за животно дело.

Дикинс од вчера е во Битола, додека Кардинале пристигна денеска напладне. За отворањето се најавува атмосфера како што доликува на еден фестивал, а сценско-музичкиот перформанс го потпишува режисерот Срѓан Јаниќијевиќ.

-И филмот на отворањето во чест на Роџер Дикинс, кој ако не „Истребувач 2049“, со кој го освои оскарот. Јас и кога разговарав, преписки имавме со него, му реков го имаш Оскарот , но не ти е комплетен ако ја немаш „Златната камера 300“. Сега ќе ја комплетира, тој е задоволен, радосен и ние сме почестени со неговото присуство, изјави Благоја Куновски Доре, уметнички директор на Фестивалот.

Годинава, жирито на фестивалот ќе има тешка задача за да ги избере најдобрите, а ќе се натпреваруваат вкупно 12 филмови.

-Ако сме светски фестивал, мора да ги избереме најдобрите, а најдобрите се избираат на трите најголеми фестивали. Од Кан има шест, од Берлин има три, од Венеција има два и еден од Карлови Вари, потенцираше Куновски.

39-то издание на фестивалот „Браќа Манаки“ се одржува под мотото „Симнуваме капа“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top