среда, 17 октомври 2018 | Вести денес: 1 ново

Новосадско позориште вечерва гостува на МОТ со „Гробница за Борис Давидович“

Новосадско позориште вечер ќе гостува на фестивалот 43. Млад отворен театар со претставата „Гробница за Борис Давидович“ од Данило Киш во режија на Александар Поповски, која ќе биде изведена на унгарски јазик.

– Најнеобичниот Киш што некогаш е изведен на сцената во Србија. Чиста поезија на умот. Духовита, остра, деликатна, опоменувачка. Онаква што се памети долго, соопшти организаторот во најавата за претставата која на програмата е од 20 часот во кино „Фросина“.

Од 22 часот на програмата на МОТ е „Странци“ на режисерката Нела Витошевиќ, продукција на Драмски театар-Скопје и ќе биде изведена на матичната сцена. Во актерската екипа се Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Предраг Павловски.

Во Младинскиот културен центар вечер од 18 часот ќе биде одбележана првата годишнина од успешното спроведување на проектот „Гледај.мк“ чија цел е да го поттикне критичкото гледање на филмот и театарот. На gledaj.mkc.mk се објавуваат рецензии на млади автори. Досега се објавени 50 рецензии, прочитани од неколку илјади читатели.

– Во последниве неколку месеци преку „Гледај.мк“ воведовме една нова генерација критичари во светот на изведбените уметности. Покривавме премиери, филмски и театарски фестивали, организиравме работилници и предавања. Отворивме платформа на која секој што има издржан став може да го сподели. Поддржуваме 15 млади рецензенти, кои континуирано се едуцираат за културата и аргументирано се изразуваат за остварувањата што ги гледаат, соопшти МКЦ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top