среда, 17 октомври 2018 | Вести денес: 0 ново

Дали е вистина дека уставните амандмани кои треба да ги спроведе Македонија се изготвени од грчката влада? (видео)

– На само 10 дена од одржувањето на референдумот околу преименувањето на Република Македонија како и промената на македонскиот национален идентитет, Владата која го потпиша капитулантскиот договор од Преспа одбива да даде одговор на клучното прашање, а тоа е како ќе гласат амандманите на Уставот на Република Македонија? Имено во членот 1 точка 12 од Договорот јасно стои дека цитирам: „Името и термините наведени во членот 1 од оваа спогодба ќе бидат вградени во Уставот на втората страна. Ваквата промена ќе се изврши наеднаш и севкупно со еден амандман. Според таквиот амандман, името и термините ќе се сменат следствено во сите членови од Уставот. Натаму, втората страна ќе пристапи кон усвојување на соодветни амандмани на Преамбулата, членот 3 и членот 49 од Уставот, како дел од постапката за менување на Уставот, истакна денеска на прес конференција Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Во продолжение ви го пренесуваме интегрално неговото излагање:

– Имајќи предвид дека Владата и МНР како и министерот Димитров како потписник на Договорот бегаат од одговори, а Премиерот Заев ја кажа вистината кога рече дека помеѓу другото не ги објавуваат амандманите затоа што народот ќе се чувствувал непријатно и тоа ќе влијаело на одлуката на референдумот. Сакам да прашам – која е причината што пред најкрупната одлука граѓаните се излажани, изманипулирани и ги немаат сите факти пред себе за да можат да донесат правилна одлука на 30-ти септември.

Сакам да нагласам дека не станува збор за преименување на фирма на Заеви на пример, туку за најзначајното прашање за Македонија и македонскиот народ и затоа замолувам Владата да не бега од одговори со фрази за членство во ЕУ и НАТО туку конкретно да одговори и да се произнесе во основа на информациите кои што ги имаме, а што ќе ги споделам со вас.

Прво дали е вистина дека амандманите се веќе подготвени и се кријат од јавноста? Истите внимавајте не се подготвени од македонската Влада, туку од грчката Влада и се дадени во форма на нон пејпр. Од македонска страна е ангажиран само еден пензиониран професор по уставно право, чија задача е само технички да ги среди истите. На што се должи ваквиот капитулантски однос кон Грција таа да ги пишува амандманите што треба македонското Собрание евентуално да ги усвои?

Второ што е спорно во преамбулата на Уставот, дали на пример со измените преамбулата ќе пишува дека:

Македонскиот народ и останатите делови од народи се бореле за создавање на Северна Македонија што ќе биде класичен историски фалсификат?
Дали ќе се брише делот кој што се однесува на одлуките донесени на АСНОМ кои што се однесуваат на создавање на самостојна Македонија во рамки на своите етно географски граници како идеал на многу генерации Македонци?
Ќе се измени ли историскиот факт дека цитирам: „Референдумот од 8 септември 1991 година, граѓаните одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава” и дали ќе се напише дека граѓаните на референдумот од 1991 година одлучиле да ја конституираат Северна Македонија и исто така како еден класичен историски фалсификат?
Трето како планираат со уставни измени да се вратат назад во времето и да ја менуваат историјата.

Четврто што е спорно во членот 3 кој јасно вели дека цитирам: „Територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница на Република Македонија е неповредлива, Република Македонија нема територијални претензии кон соседите. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципите на добрососедство и во согласност со општоприфатените меѓународни норми”. Што е овде спорно особено имајќи предвид дека членот 3 еднаш веќе е менуван во 1992 година токму на барање на Грција.

Петто што е спорно во членот 49 кој гласи цитирам: „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство.“ Овој член исто така еднаш е менуван по барање на Грција во 1992 година. Дали согласно членот 7 од Договорот од Преспа, Владата ќе прифати дека нити има македонски народ, нити има македонски јазик надвор од границите на денешна Република Македонија што ќе биде целосно спротивно на фактите на теренот. Дали ќе прифати дека нема Македонци надвор од Република Македонија и дека нема македонски јазик надвор од Република Македонија.

Шесто дали членот 36 од Уставот кој сега гласи цитирам: „Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите национално ослободителни војни на Македонија“ ќе се измени со тоа дека национално ослободителните војни се воделе за Северна Македонија? Што исто така ќе биде груб фалсификат.

Седмо дали во членот 79 ќе пишува дека Претседателот е врховен командант на вооружените сили на Северна Македонија?

Сите овие прашања заслужуваат одговор за да можат граѓаните да донесат правилна одлука што ќе прават на 30-ти септември. Владата треба да е искрена и да им каже на граѓаните дека на 30-ти септември не одлучуваат за Европска Македонија туку дали ќе се обезличи македонскиот народ и ќе се создаде нова држава која што ќе се вика Северна.

Очекуваме конкретни одговори по сите овие 7 точки, имајќи предвид дека се работи за детали и за текст од Уставот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top