среда, 17 октомври 2018 | Вести денес: 105 ново

Николоски: Уставните измени се веќе напишани од страна на Грција и дадени на Владата на Македонија

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во „Отвореното студио“ на 1ТВ вели дека Владата не сака да дискутира за содржината на договорот и прави класично избегнување на содржината на договорот.

Според него најпроблематичен член од договорот покрај промената на Уставот е членот 8 со кој што се предвидува формирање на меѓуресорска комисија помеѓу владата на Македонија и Грција која треба да излегува со извештај до каде е со ревизијата на историјата, археологијата, науката итн.

– Ова е механизам за вечно траење на преговорите на Македонија за членство на ЕУ. Крупната разлика е дека во делот на Грција ние како држава доброволно ќе се согласиме да тој механизам се користи. Овој договор е вовед во вечно траење на преговори и многу лесно Македонија може да стане втората Турција. Договорот има многу фалинки за кои владата не сака да разговара се со цел да не стигнат до граѓаните, вели Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата откри дека уставните измени се веќе напишани од страна на Грција и дадени на Владата на Република Македонија. Тој притоа додава дека ако случајно помине референдумот тогаш граѓаните ќе гледаат еден театар и глума.

– Според наши информации ја повикувам владата да не демантира. Уставните измени во делот на промената на името од Република Македонија во Република Северна Македонија, промената на преамбулата членот 3 и членот 49 се веќе напишани и тоа е завршена работа им биле дадени од страна на преставниците на македонската влада од страна на Грција во вид на нон-пејпер. Односно дури и амандманите на Уставот не ги пишува македонското собрание како што е редот во постапка која треба да почне после референдумот туку веќе ги има напишано грчката влада и ги има доставено и практично кога ќе почне тој процес ако почне ќе биде само една глума и еден театар дека се прават амандмани кои што веќе се напишани чија што содржина не ја знаеме и не се објавува во јавност, истакна Николоски.

Тој додаде дека граѓаните на референдум треба да се одлучат за договорот, а според него како тие треба да одлучат ако не ги знаат сите факти. Тој повтори дека еден од најкрупните постулати на овој договор се уставните амандмани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top