среда, 17 октомври 2018 | Вести денес: 105 ново

Жбогар: Сакаме да ја видиме вашата земја како полноправен член во ЕУ со сите права и обврски

Многу скоро граѓаните ќе решат за патот на нивната иднина и нивните идни односи со Европската унија. Има многу емоции во оваа одлука и разбираме дека одлуката не е лесна, но убедени сме дека граѓаните ќе одлучат правилно и ќе ја почитуваме таа одлука, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар на 15-титот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет на ЕУ и Република Македонија.

Тој посочи дека добрососедските односи се еден од принципите на ЕУ и затоа, како што наведе Жбогар, ги поздравуваме договорите кои што ги потпишавте со Бугарија и со Грција.

– Поради тие договори и вашата посветеност на реформите сега има опиплив напредок на европскиот пат и тоа му овозможи на Советот да отвори пат за пристапни преговори во јуни 2019 година, потенцираше амбасадорот на ЕУ во Македонија.

Тој изјави оти Унијата е голем поддржувач на реформските заложби на Владата особено во областа на владеењето на правото, посочувајќи дека ќе продолжат да потсетуваат на потребата за реформи и дека ќе укажат помош во однос на спроведувањето на некои клучни реформи во земјата.

– Преку програмата „Ерзмус плус“ поддржавме над 5.000 млади луѓе да учат и работат низ цела Европа. Со проектите за подобрување на инфраструктурата граѓаните и деловните субјекти можат да патуваат полесно во други земји и други градови. Работиме на подобрување на животната средина преку прочистителни станици и управување со депонии. Директно поддржуваме земјоделци да го консолидираат земјиштето, да купуваат опрема и осбено поддржуваме млади земјоделци и жени земјоделци, даваме грантови за зајакнување на конкуренцијата на младите бизниси и бизнисите општо земено, помагаме да се промовира вашето културно наследство и да се подобри туризмот, објасни Жбогар.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија заедно со заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, како и пратениците членови на Мешовитиот комитет од Собранието на Република Македонија и од Европскиот парламент разменија мислења за односите меѓу Европската Унија и Република Македонија.

– Активностите на Владата на Република Македонија во изминатата година се одвиваа на два колосека: спроведување на длабоки и одржливи внатрешни реформи во владеењето на правото и градење на независни институции, како и обновување на македонската позиција во меѓународните односи, примарно преку унапредување на добрососедските односи, истакна Жерновски.

Тој потенцираше дека особено треба да не радува фактот што проектот за интеграција во ЕУ не обединува по етничка линија и со тоа не прави уште посилни.

– Деновите кои ги живееме и одлуката пред која сме исправени е многу поголема и поважна од меѓусебните партиски битки, кои секако ќе ги продолжиме после 30-ти септември. Но, оваа тема и нашата заедничка и просперитетна иднина мора да не обедини сите, нагласи Жерновски.

На состанокот се дебатираше за резултатите од Планот 3-6-9 и новиот реформски План 18, за прашања од владеењето на правото со акцент на изборните реформи, реформите во судството, во системот за разузнавање, борбата против корупцијата и организираниот криминал, работата на СЈО, состојбата во медиумите, добрососедските односи и регионалната соработка.

Извештај за Дијалогот Жан Моне ќе презентираат европратениците кои се директно вклучени во процесот. На крајот на состанокот ќе бидат усвоени заеднички препораки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top