среда, 17 октомври 2018 | Вести денес: 0 ново

Македонски железници ќе бара од „Србија воз“ да не се укинува линијата Белград – Солун – Белград

Македонски железници Транспорт АД Скопје денеска соопшти дека е против најавеното укинување од крајот на месецов на единствениот меѓународен воз низ Македонија на релацијата Белград – Солун – Белград. И оти причината, според известувањето што го добиле од „Србија воз“, е економски неисплатливост.

„Србија воз“ ја донеле одлуката во согласност со грчки TRAINOSE, кои имаат право на таква одлука како железнички управи од каде поаѓа односно пристигнува возот. МЖ Транспорт АД Скопје, како што велат, има право да вложи приговор на таквото барање, но како транзитна железничка управа нема право да одлучува.

МЖ Транспорт ад Скопје во соопштение наведува дека уште во јануари годинава добиле известување од „Србија воз“ дека поради економска неисплатливост планираат меѓународниот воз 34/335 “Hellas”, на релација Белград – Солун – Белград да сообраќа заклучно со 31 март годинава. Возот, според известувањето од „Србија воз“, би сообраќал сезонски во летните месеци од 15 јуни до 15 септември.

Во преговорите што ги воделе во март годинава со менаџерскиот тим на „Србија воз“ успеле да издејствува возот оваа година да сообраќа до крај на месецов. Исто така, според соопштението, на состанокот е напоменато дека во тек на месецов треба повторно да се состанат во Белград и да ги разгледаат можностите за понатамошно сообраќање на возот. Но на 6-ти месецов добиле електронска порака од „Србија воз“ во кој ги известиле дека возот нема да сообраќа по 30-ти месецов.

Како што информираат, по таквото известување веднаш стапиле во контакт со в.д. генералниот директор на „Србија воз“ Југослав Јовиќ за да закажат термин за состанок на кој би ги изложиле ставовите дека се против стопирање на возот по 30 септември. Во телефонски разговор од Јовиќ биле информирани дека поради негова зафатеност во наредниот период средбата би можела евентуално да се одржи околу 26-ти месецов, само неколку дена пред укинување на возот, откако ќе се врати од службен пат и по дополнителни усогласувања на можни термини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top