сабота, 20 октомври 2018 | Вести денес: 5 ново

Средба на Мицкоски со дијаспората: Сојузот ги смета договорот и референдумот за антимакедонски, противуставни, противправни и репресивни

Делегација на Сојузот на македонски здруженија од дијаспората, предводена од Застапникот Игор Александров, вчера оствари средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со референдумот за легитимизирање на Договорот меѓу Алексис Ципрас и Зоран Заев. На Мицкоски му беше презентирана платформата усвоена на основачкото собрание на Сојузот, на 11 септември во Париз.

Потенцирано беше дека Сојузот го смета Договорот, а и референдумот, за антимакедонски, противуставен, противправен и репресивен, затоа што:

1. Претставува газење на меѓународно кодифицираните и неотуѓиви човекови права, вклучувајќи го правото на поединецот слободно да го одржува својот етнички и културен идентитет, без државни рестрикции или дискриминација, како и правото на слободно изразување, слободно размислување, слободно асоцирање, како и слободно учество во демократските процеси на Република Македонија, без домашни или надворешни државни притисоци, уцени и закани. 2. Ги понижува, угнетува и третира граѓаните на Република Македонија и Македонците низ светот како граѓани и народ од втор ред, за кои не важат правата и слободите кои му припаѓаат на секој припадник на човештвото подеднакво.

3. Гази по основните културни, етички и правни вредности на либерално-демократскиот свет, во кој се стремат да се интегрираат граѓаните на Република Македонија и Македонците во сите делови на Македонија.

4. Ги руши Уставните темели на Република Македонија, наведени во самиот вовед (преамбулата) на Уставот, според кој Република Македонија е основана како држава на македонскиот народ (и сите етнички малцинства), според начелата на Илинденската борба и АСНОМ.

5. Го отуѓува, дели и/или пренeсува суверенитетот на Република Македонија на странска држава, што е изричито забрането со Член 1 од Уставот.

6. Ги легитимизира и засилува репресивните политики на Република Грција и Република Бугарија, вклучувајќи ги историските фалсификати чија намена е прикривање на вековната геноцидна и етноцидна политика врз македонскиот народ во тие држави.

7. Го легитимизира и засилува корумпираното владеење со Република Македонија на нелегитимниот криминален режим, кој учествува во Договорот и го води референдумот за да си ги заштити своите позиции, со поткрепа на странски спонзори.

Делегацијата потенцираше и дека обидот да се задуши или редефинира македонскиот народен идентитет, со политичко мнозинство сочинето од немакедонци и луѓе подготвени да се откажат од македонската народна припадност, трајно ќе го продлабочи меѓуетничкото и меѓучовечкото нетрпение во Македонија, што претставува пречка за социјално-економскиот просперитет и безбедноста на државата.

Делегацијата апелираше до господинот Мицкоски да го предводи македонскиот народ во одбрана од злосторничкиот Референдум, со јавен повик за неучество, но изрази и разбирање за екстремните домашни и внатрешни притисоци кои се вршат лично врз него и врз ВМРО-ДПМНЕ, како и за обидите масовниот бојкот да се девалвира како партиска манипулација, наместо одраз на слободната народна воља.

Апелираме до граѓаните на Република Македонија и македонскиот народ да му помогнат на господинот Мицкоски во достоинствената заштита на заедничките права и интереси, со тоа што ќе го искористат индивидуалното право на самоопределба за НЕУЧЕСТВО во злосторничкиот референдум, велат од Сојузот на македонски здруженија од дијаспората

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top