вторник, 13 ноември 2018 | Вести денес: 1 ново

Меркел бара оставка од првиот разузнавач во Германија?

Германската канцеларка, Ангела Меркел, одлучила дека шефот на разузнавањето мора да замине од службата затоа што смета дека тој се мешал во дневната политика, пишува денеска германскиот весник „Ди велт“, но тамошната влада одбива да го коментира случајот, пренесува „Ројтерс“.

Шефот на германската разузнавачка служба BfV, Ханс Георг Масен, се најде на удар бидејќи изрази сомнежи за автентичноста на снимката каде што демонстранти од радикалната десница гонат мигранти откако германски државјанин беше убиен во источниот германски град Кемниц.

Неговите тврдења се во спротивност со владините изјави во врска со инцидентот, а самата Меркел прво ги игнорираше неговите коментари, но коалициските партнери инсистирале тој да сноси одговорност, пишува „Гардијан“.

Неговата изјава ја искористи шефот на радикалната десница AfD, Александар Гауланд, кој потоа ја обвини Меркел за ширење лажни вести.

Коалициските партнери на Меркел побараа од министерот за внатрешни работи, Хорст Зехофер, да го отпушти Масен поради неговата изјава, но тој досега одбиваше да го стори тоа.

Дебатата за иднината Масен уште повеќе ќе ја поткопа и така нестабилната влада, но Меркел увери дека коалицијата нема да се распадне поради прашањето поврзано со шефот на разузнавачката служба. Коалициските партнери треба да се состанат утре за да разговараат за иднината на првиот разузнавач.

 

извор: makfax.com.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top