петок, 19 октомври 2018 | Вести денес: 23 ново

Иванов: НАТО и ЕУ остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска се сретна со секретарот за одбрана на Соединетите Американски Држави, г. Џејмс Норман Матис.

На средбата, како што информираа од претседателскиот кабинет, беа разменети мислења за тековните политички случувања во Република Македонија, за евроатлантските перспективи на земјата и за билатералната соработка меѓу двете земји во областа на одбраната и безбедноста.

Македонскиот претседател истакна дека пристапувањето во НАТО и ЕУ остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Република Македонија, што ќе придонесе за напредок и просперитет на целиот регион.

Претседателот Иванов потенцираше дека Република Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД и дека и натаму ќе се залага за безбедноста, слободата и демократскиот напредок на регионот и активно ќе придонесува во заедничките активности во борбата против тероризмот и останатите закани на глобално ниво.

Претседателот Иванов се заблагодари за поддршката што САД ја дава на Република Македонија со цел унапредување на реформите во одбраната и безбедноста, како од аспект на финансиска, така и практична и техничка поддршка преку учество во заеднички обуки, вежби и мисии. Претседателот Иванов изрази задоволство и од соработката со Националната гарда на Вермонт.

„Иако не сме во НАТО, нашата армија е НАТО компатибилна, и за тоа сме благодарни на САД. Тоа е влог во иднината. Мораме да бидеме подготвени за новите закани и новите предизвици“, порача претседателот Иванов на средбата со секретарот за одбрана на САД.

Македонскиот претседател истакна дека Армијата на Република Македонија со својата професионалност и високо рангирана борбена подготвеност е докажан партнер на НАТО и континуирано придонесува во меѓународните мировни мисии на Алијансата.

Интензивирањето и унапредувањето на севкупните билатерални односи со САД, додаде претседателот Иванов, се од долгорочен интерес за Република Македонија.

Двајцата соговорници разменија мислења и за предизвиците и очекувањата за иднината на регионот на југоисточна Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top