среда, 14 ноември 2018 | Вести денес: 5 ново

Припадници на грчко-албанска наркогрупа осудени на вкупна затворска казна од 128 години

– Суд во грчкиот град Пиреја на припадниците на криминалната група, кои во април минатата година се обидоа да прошверцуваат 1,5 тони марихуана, им изрече вкупна затворска казна во траење 128 години.

Групата составена од Албанци и Грци шверцувала марихуана од Албанија, преку Грција за Италија. Вредноста на последната запленета пратка беше проценета на околу 10 милиони евра.

Судот во Пиреја највисока казна затвор во траење од 23 и 24 години им изрече на двајца Албанци, кои се сметаат за „сопственици“ на дрогата. Тие добија и парична казна во износ од 100.000, односно 250.000 евра.

Други тројца Албанци, кои управувале со моторниот чамец со кој од Албанија дрогата ја транспорирале во Грција, се осудени еден на 14, а двајца на по 13 години затвор.

Дел од оваа криминална група биле и грчки државјани, меѓу нив и адвокат од Пиреја, кому му е изречена казна затвор во траење од 14 години и парична казна од 70 илјади евра.

Затворска казна во траење од 13 години доби и бизнисмен од Атина, кој треба да плати и казна од 60 илјади евра. Неговиот брат е ослободен од обвинение.

Четвртиот упасен грчки државјанин доби 13 години затвор и парична казна во износ од 60 илјади евра.

Албанските државјани, како што пренесува тиранската телевизија Ора њуз, ќе бидат екстрадирани во Албанија, каде ќе ја издржуваат затворската казна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top