среда, 26 септември 2018 | Вести денес: 1 ново

Пензионерите збунети и во паника: Не знаат ни компјутер да вклучат, а ќе треба електронски да се регистрираат!

Управата за јавни приходи и на пензионерите им ја скрои капата, па тие на стари години ќе треба технолошки да се описменуваат и тоа во услови кога 99 отсто од нив не знаат ниту копјутер да вклучат. Имено согласно новите законски измени сите приматели на средства, плата или пензија ќе треба електронски да се евидентираат во УЈП.  Тие сега ќе треба да отвараат имеил адреси, да се влечат по шалтери на УЈП, по нотари. Ај шетањето и гњаважата, ама сето тоа ќе ги чини и пари. Практично, самиот чин на регистрација за пензионерите, но и на оние кои земаат плата, а живеат во руралните делови на земјава, ќе им биде невозможен. И додека даночниците убедуваат дека со ова ќе се прескокне поднесувањето на годишната даночна пријава, како да забораваат дека досега лицата што примаа само плата или пензија беа ослободени од обврската за поднесување на ГДП. Логично се наметнува прашањето како им се олеснува на лицата кои досега беа ослободени од било каква обврска.

-Најавата на УЈП за задолжителната електронска регистарација на пензионерите е нејасна и непрецизна. Имено ваквата регистрација е наменета со цел да се ослободат луѓето од поднесување на Годишна даночна пријава, која пензионерите досега немаа обврска да ја поднесуваат, доколку примаа само пензија. Како сега би им се олеснило, ако им се наметнува обврската за одење во УЈП или на нотар. Ако новата обврска се однесува само за пензионерите кои имаат плус приходи тогаш е во ред, бидејќи и така тие досега мораа да ги пријавуваат дополнителните приходи, па ако се вични да имаат плус приходи, значи ќе знаат и електронски да се евидентираат. Но ако се однесува за сите пензионери, тогаш имаме голем проблем и УЈП треба да го разреши под итно. Голем дел од пензионерите немаат ниту компјутер, а не па имеил адреси, лозинки. Освен тоа дел од пезионерите живеат на село, немаат плус примања и како сега нив да ги однесете на нотар или пред шалтер на УЈП. Сето тоа за нив би претставувало стрес и парични издатоци- вели Петар Андреев од Сојузот на здруженија на пезнионерите, според кој оваа обврска не би требало да ги опфати сите пензионери.

Информациите пак од УЈП кажуваат нешто друго. Имено според новите правила на УЈП до крајот на годинава, сите граѓани кои оствариле каков било приход мора да се регистрираат за електронска годишна даночна пријава и таму да ги внесат своите примања. Тоа значи дека и пензионерите треба да ги внесат приходите по основ на пензија. И тие, но и сите други граѓани мора да влезат во системот за да може Управата да им ја изготви пријавата. Експертите сметаат дека мора да се најде и друг побезболен начин на реализација на овие измени, на пример преку мобилни даночни шалтери кои би ги посетувале пензионерите за да ги регистрираат.

Е-даночната пријава е ново решение на УЈП. До крајот на годината податоци треба да испратат сите граѓани кои оствариле приход од редовни месечни примања, плата или пензија, но се пријавуваат и дополнителните заработки од капитални добивки, продажба на недвижен имот договори на дело, работа на интернет и слично. Регистрацијата е на системот е-персонален данок, а потоа барањето за регистрација треба да се поднесе на шалтерите на Управата за јавни приходи. Регистрацијата граѓаните ќе мора да ја направат само еднаш, а не како досега секоја година сами да ги поднесуваат пријавите.

УЈП предвидела за тие кои се болни, изнемоштени но и оние кои не знаат да работат на компјутер да можат да ополномоштат помладо лице на нотар, па тој за нив да ја врши работата, што ќе значи плус издаток.

Новините предизвикаа негодување кај граѓаните.

По реакциите во јавноста за новиот начин на поднесување годишна даночна пријава, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, изјави дека нивна интенција не е да казнуваат, но дека ниту еден граѓанин, вклучувајќи ги и пензионерите, нема да биде изземени од реформата. Лукаревска рече дека пензионерите не треба да стравуваат и дека мобилни шалтери на УЈП ќе одат и до најоддалечените места и ќе ги посетуваат граѓаните. Интенција на УЈП, додаде Лукаревска, не е да казнува, туку да го олесни процесот на пополнување на пријавите.

-Новиот модел на пријавување данок тоа го овозможува. Граѓанинот е ослободен од пополнување на ГДП, тоа ќе биде работа на УЈП. Ако досега УЈП ги контролираше годишните даночни пријави, отсега граѓаните ќе ја контролираат УЈП. Граѓаните ќе бидат тие кои ќе ја потврдат или поправат пријавата која ќе им ја испрати УЈП- рече Лукаревска.

На прашањето дали ќе има казни ако не се регистрира некој пензионер, Лукаревска рече дека нема да се казнуваат, ама засега!

-Конечна цел е да спроведеме успешна реформа која ја користат другите даночни администрации во поразвиени земји. Нашата цел е да стапиме во непосреден конткат со сите лица и никој да не биде изземен. Ќе почнеме со соодветна кампања до секое најодалечено место во нашата држава. Имаме и телефонски линии и веб страница и веруваме дека ќе направиме крајот да заврши со една успешна реформа. Нашата интенција не е ако некој не се регистрира веднаш да го казниме – рече Лукаревска.

Лицата кои немаат интернет или поради други околности не можат да се регистрираат ќе може да ополномоштат друго лице. Исто така, тие ќе може лично да отидат на шалтер во УЈП со лице кое ќе го овластат во нивно име да ја прима пријавата.

-Доколку лицето нема интернет предвидени се варијани каде што лицето може да овласти друго лице во негово име да ја потврди или корегира годишната даночна пријава- рече Ивана Дончевска, раководител на секторот за регистрација и утврдување на данок.

Таа додаде дека преку сите комуникациски канали, УЈП ќе се обиде да дојде до сите обврзници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top