среда, 26 септември 2018 | Вести денес: 1 ново

Синдикат на културата во Република Македонија: Магистар и доктор на науки не го достигнува државниот просек за плата и тоа е срамно!

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) е незадоволен од бавното решавање на наталожените проблеми во културата и смета дека, и покрај мали поместувања и соработка на негови членови со Министерството за култура во изминатите месеци, културата и натаму е на дното во државните приоритети. Тие денеска на средба со новинарите проговорија за проблемите кои со години ги мачат и доколку не бидат решени во скоро време рекоа ќе кулминираат.

Претседателката на СКРМ Сања Арсовска истакна дека се уште чекаат на исполнување на ветувањата за валоризација на стручните звања и за нов колективен договор за да излезат од, како што рече, хаосот во однос на начинот на пресметка на платите и големите разлики во нивниот износ.

– Вработените од една дејност земаат помали плати во однос на вработените со аналоген статус во друга дејност. Во една институција, вработени на исто работно место, со исти работни задачи и образование, земаат различни плати, рече Арсовска.

Се уште не се реализира ни ветувањето за исплаќање на стручните звања и уметничките категории, а уште повеќе се револтирани дека тоа веќе почнало селективно да се реализира. Според нивните сознанија, во Националниот конзерваторски решенија се доделени решенија.

Бараат и укинување т.н. антикризни мерки воведени во 2009 година кои забрануваат унапредувања и добивање теренски надомест и службени дневници. Сметаат дека мерката е дискриминирачка зашто не важи за други вработени во државната администрација.

– Овие проблеми ќе се решат со донесување нов колективен договор, за кој Министерството за култура покажа сериозен интерес за негово скоро потпишување, но незадоволни сме од постојаното занемарување на културата при вреднувањето на трудот, истакна Арсовска и рече дека се залагаат во законот за култура кој се подготовува да се вметне член што ќе го утврди рокот за потпишување колективен договор.

Се трудат да бидат толерантни, рече, зашто го очекуваат колективниот договор за чие спроведување се обезбедени средства од Министерство за финансии. Законот за култура очекуваат да биде донесен во ноември, а веќе во јануари да биде потпишан колективниот договор.

– Но доколку продолжи ваквиот третман и немаме потпишан колективен договор, сериозно ќе преземеме поголеми чекори. Ние се занимаваме со јавна професија и многу лесно може да ги блокираме нашите институции и тоа да биде видливо, рече претседателката на СКРМ.

Адије Дестановиќ, вработена во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје, говореше за состојбите во дејноста во која работи и истакна дека нејзините колеги се на работ на егзистенција поради малите плати и нередовата исплата на истите. Таа потенцираше дека тие се подготвени да штрајкуваат масовно зашто, рече, „со години не сме поместени од мртва точка“.

– Магистар и доктор на науки не го достигнува државниот просек за плата и тоа е срамно за држава што претендира да биде во ЕУ. Партиските вработувања се уште постојат и тоа не иритира. Трудот воопшто не се цени. Работниците не може да дојдат на ред од неработниците со партиски книшки. Во некои институции со години нема унапредување зашто не е свртен партиски телефон. Имаше ветување за промени во правниот систем, но јас нив не ги гледам, рече Дестановиќ. Се пожали и дека институциите од културата под надлежност на Град Скопје платите со години ги добиваат по законскиот рок, 15-ти во месецот.

Потпретседателот на СКРМ Александар Стојчевски го повика Уставниот суд да ја преиспита својата одлука за ненадлежност како што одговорил на нивната иницијатива да ја оцени уставноста на Статутот на СОНК. СКРМ ја поднесе иницијативата до Судот во јули годинава зашто смета дека одредбите во Статутот на СОНК во однос на отчленувањето се неуставни зашто членовите на СОНК принудно се држи, а СКРМ (кој сега има 700 членови) поради тоа не може да се шири и да регрутира членови.

Меѓу успесите за кои се избориле во минатите месеци е што првпат нивни членови учествуваат во работни групи за подготовка на Националната стратегија за култура 2018-2022 и на Предлог-законот за култура, во кој успеале да го променат нивниот статус – од „даватели на услуги“ во „носители на дејност“. На нивна иницијатива, исто така, уметниците повеќе нема да бидат обврзани на привремени договори од пет години по кои треба да се полагаат реаудиции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top