понеделник, 19 ноември 2018 | Вести денес: 72 ново

20 години „Гугл“

Пред точно 20 години, Лари Пејџ и Сергеј Брин на денешен датум го регистрираа Гугл како компанија. Таа има класична историја на ИТ-гигант, почнувајќи како многу мала, но се издигна до една од најзначајните компании во светот.

Пејџ и Брин се запознале на Универзитетот Стенфорд. Тие имале голем интерес за Интернет и сакале да направат подобар пребарувач на страници од достапните во тоа време. Уште во август 1996 година, тие ја изготвиле првата верзија, која била дел од веб-страницата на Универзитетот. Тие го избрале името Гугл (Google) врз основа на бројот гугол кој има единица и 100 нули. Симболиката е колку голем може да биде Интернетот.

Интересот за пребарувачот бил доволен и една година подоцна Пејџ и Брин го напуштаат универзитетот и не ги завршуваат своите докторантски студии. Наместо тоа, тие целосно се посветиле на работа на пребарувачот. Тие сметале дека тој има се повеќе и повеќе потенцијал и може да стане бизнис. Така решаваат да го прават токму тоа и да регистрираат компанија по име Гугл.

Пребарувачот брзо почнал да станува популарен, а со тоа дошле и инвеститорите. Пејџ и Брин биле свесни дека се млади и неискусни и им треба помош во деловните работи. По долг процес, тие го избираат Ерик Шмит, кој им помага со деловни односи, создавањето контакти, па дури и контакт со политичари.

Пејџ и Брин се посветуваат на технологијата и во 2003 година Гугл стана најпопуларен пребарувач, со што го симна Јаху од тронот. Една година подоцна, компанијата излезе и на берзата. Во тоа време таа веќе размислува за уште посериозно проширување. Работи на услуги како Gmail, Google Maps, го купува и видео порталот Јутјуб (YouTube).

Постепено, трите се претвораат во лидери во нивните сегменти. Во 2008 година, компанијата го претстави и прелистувачот Хром (Chrome), кој денес е и најпопуларен во светот. Исто така, се здобива и со оперативниот систем Андроид, кој може да се пофали со истото.

Се разбира Гугл има и неуспеси. Компанијата така не успеа да создаде своја социјална мрежа и покрај неколкуте обиди. Тоа сепак не ја запре да си постави повисоки цели.  Пејџ и Брин имаат филозофија дека Гугл треба постојано да мисли на создавање на нови проиводи и услуги кои ќе се претворат во бизнис вреден милијарди.

Таа филозофија води до развој на разни мрежи, вештачка интелегенција, платформи за интернет добавувачи, автономни автомобили, па дури и компании за подобрување на квалитетот на животот. Сето тоа стана толку големо што во 2015 година Гугл објави дека го создава холдингот Алфабет кој ќе ги обедини сите бизниси на компанијата. Голем дел беа одвоени од Гугл и оформени во самостојни компании, кои сега се под капата на Алфабет.

Пејџ и Брин се во раководството на Алфабет и го делат времето меѓу различните проекти. На челото на  Гугл е Сундар Пичај кој го избраа тие. Под негово раководство Гугл го продолжува развојот во зацртаниот правец, го зголемува присуството во хардверот и други услуги. Продолжува и развојот на пребарувачот со оглед на тоа што една од долгорочните цели на Пејџ и Брин е еден ден потрошувачите да можат да разговараат со пребарувачот така како што зборуваат со човек. Додека се случи тоа ќе помине уште време, но компанијата сигурно се движи кон таа цел преку својот гласовен помошник и платформата за преводи на различни јазици.

Финансирањето на сето тоа денеска доаѓа најмногу од бизнисот со онлајн рекламирање. Гугл има повеќе од 110 милијарди долари приходи во последната година, од кои заработувачката е повеќе од 12 милијарди долари. Тие пари се инвестираат во останатите амбициозни проетки на компанијата. Не недостигаат и проблеми поради тие бизниси, со оглед на тоа што ЕУ годинава ја казни компанијата со повеќе од четири милијарди евра поради нелојална работа во андроид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top