понеделник, 19 ноември 2018 | Вести денес: 72 ново

Серија напади во Чеченија, одговорност презеде „Исламска држава”

Неколку лица се повредени во серијата напади врз полициските сили во руската република Чеченија. Сторителите се неутрализирани, соопшти чеченскиот лидер Рамзан Кадиров.

Преку Инстаграм Кадиров соопшти оти нема никакви сомнежи дека „група млади луѓе”, ги извеле нападите, а дејствувале откако паднале под влијание на приврзаници на џихадистичката група „Исламска држава” на социјалните мрежи.

Претходно, руските медиуми информираа за најмалку три напади врз силите на редот, но со различни податоци за бројот на повредените.

Според Кадиров, двајца полицајци биле повредени во градот Шали и неколку сообраќајни полицајци во главниот град Грозни.

– Сите обиди беа неуспешни, бандитите беа неутрализирани. Еден од злосторниците се разнесе во воздух, но преживеа и беше однесен во болница, рече тој.

Малку подоцна, терористичката група „Исламска држава“ ја презеде одговорноста за нападите.

„Борци од Исламска држава нападнаа офицери и членови на чеченската полиција во Грозни и Шали”, соопшти пропагандната агенција на џихадистите „Амак“.

Идентитетот на двајцата напаѓачи е утврден. Тие се жители на градот Шали, соопшти прес-службата на Рускиот истражен комитет, пренесува ТАСС.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top